02.10.2024 Скопје
Во Скопје денеска и утре ќе се одржува Eкономскиот форум на жени лидерки – Балкан 2024.
Преку панелни дискусии и дебати, докажани лидерки и лидери од Португалија, Индија, Египет, Турција, Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска, Словенија и Република Северна Македонија ќе разменат идеи и ќе споделат најдобри практики за справување со заедничките предизвици.
Најавено е учество на 270 лидери, претприемачи, активисти, истражувачи и академици, а целта на Форумот е да ја унапреди позицијата на жените во современото општество, особено во делот на економското јакнење, намалување на родовите нееднаквости и поттикнување женско лидерство.
Форумот има ротирачка база и седиштето се менува на секои две години во различна земја од Западен Балкан.
Го организира Здружението на жени менаџери ЕЛИТ, Скопје и Г100 Крилото за комуникација, застапување и медијација за Р.С.Македонија, под глобалната франшиза на Women Economic Forum (WEF) и мисијата Г100 Милион. На денешното отворање е предвидено да се обрати претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, а воведни обраќања ќе имаат и Ленка Угриновска, претседателка на ЕЛИТ и претседавачка со Г100 за Република Северна Македонија, Македонка Димитрова, претседателка на Организацискиот одбор на ВЕФ Балкан 2024 и претседателка на Институтот за одржливост ЕКОС, како и Линда Переира, глобална претседавачка на Г100 Крилото за комуникација, застапување и посредување од Португалија.
Потоа, според програмата, следува говор на тема „Зајакнување на жените во бизнисите за долготрајни позитивни промени“ по кој се предвидени три панели: „Интегрирање на одржливост во бизнисите преку ESG известување“, „Исчекор напред со жените во СТЕМ професии“ и „Креирање на деловен пејзаж за кариерен успех на жените“.
За утре се најавени поздравни говори на гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, на гувернерката на Централната банка на Црна Гора и глобална претседавачка за финансиско вклучување и крило за подготвеност на одбори, Ирена П.
Радовиќ, како и на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Ќе се одржат и панелите: „Платежна рамоправност и обликување на иднината на жените во бизнисот“, „Жените како катализатори на одржлив развој и зелена транзиција“ и „Пристап до финансии и моќ на вмрежување“.
Подготвено од М.Д.