1-ENERGO-TEHNOMA-2024-660x500

22.10.2024 Скопје

Енергетскиот сектор се наоѓа пред големи промени, водени од зголемената потреба за одржливост и енергетска ефикасност. Во таа насока, го најавуваме претстојниот саем ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024, кој ќе се одржи од 29 до 31 октомври во Арената Борис Трајковски. Оваа годишна саемска манифестација претставува водечки настан за професионалците од областа на енергетиката и технологијата, овозможувајќи им да ги истражат најновите трендови, иновации и решенија за подобра и одржлива иднина.

Оваа специјализирана саемска манифестација е бренд кој постои веќе четири децении и претставува место каде што со години наназад претставниците на најголемите домашни, но и странски производители во областа на металургијата, електротехниката, енергетиката и градежништвото ги претставуваат и промовираат своите иновативни и ефикасни производи и методи, со континуирано претставување на индустриското стопанство во регионот и најновите достигнувања во областа на технологијата и енергетиката.

Саемот не се одржуваше неколку години, но Скопски саем оваа година направи напор повторно да го организира и да ја врати довербата кај компаниите и институциите за капацитетите за одржување на вакви манифестации.

ЕНЕРГО ТЕХНОМА оваа година ќе биде посветен на зелени решенија и иновативни технологии, со цел да ги истакне најновите технолошки достигнувања и стратегии за справување со глобалните енергетски предизвици. За време на трите дена од саемот, ќе се претстават повеќе од 30 водечки компании од РС Македонија и од регионот кои ќе ги претстават своите најсовремени производи, технологии и услуги, фокусирани на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, автоматизација и модерни технолошки процеси.

ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024 претставува и уникатна можност за деловна посета на компаниите од овие индустрии и размена на идеи и контакти меѓу професионалците, како и проширување на бизнис мрежите во насока на дефинирање на идните технолошки насоки за обликување на индустриите во иднина и придонес кон подобра енергетска иднина. Од друга страна, посетителите ќе имаат можност да ги видат најновите енергетски технологии, машини и индустриски опрема и да проследат презентации, програма на изложувачите, трибини и панел дискусии со експерти од областа за актуелните трендови во енергетската индустрија, одржливите извори на енергија и иновациите во производството.

Саемот ќе овозможи комплетна понуда, а компанијата Кроација Осигурување како партнер на саемот, ќе понуди продукти кои овозможуваат осигурување и поддршка на проекти од енергетиката и технологијата.

Доколку сте дел од светот на енергетиката, ова е настан што не смеете да го пропуштите! ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024 ќе ви овозможи увид во иднината на енергетските решенија и како новите технологии и одржливите навики можат да го подобрат вашиот бизнис и да придонесат за подобра иднина за сите.

Подготвено од М.Д.

About Author