ep-evropski-parlament

02.10.2024 Скопје

Четворица бугарски европратеници ќе бидат дел од Делегацијата на Европскиот парламент (ЕП) во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија. Како што соопшти Европскиот парламент, тринаесет од 48-те меѓупарламентарни делегации ги одржаа своите конститутивни состаноци.

Бугарски претставници во делегацијата ЕУ-Република Северна Македонија се Андреј Ковачев (ГЕРБ/ЕПП), Кристијан Вигенин (Бугарска социјалистичка партија/С&Д), Ивајло Валчев (Има таков народ/ЕПП) и Христо Петров (Продолжи ја промената – демократска Бугарија/Обнови ја Европа).

Делегацијата се состои од вкупно 13 европратеници од пратеничките групи на Европската народна партија, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите, патриотите за Европа, европските конзервативци и реформисти, Обнови ја Европа, Зелените/Европската слободна алијанса, Левицата во Европскиот парламент и еден независен.

Конститутивната средба на Делегацијата на Европскиот парламент во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија (МПК) е закажана за в четврток, 3 октомври. Се очекува парламентарните делегации да го изберат своето раководство до 8 октомври.

Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ, е основан 2004 година врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација. Тој претставува форум каде што членовите на Собранието и Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за зајакнување на меѓусебното партнерство. Комитетот се состанува два пати годишно.

Седниците на Комитетот изминатите години, често беа политички мегдан за бугарските и македонските претставници. Најжестоки во критиките беа бугарските европратеници Александар Јорданов и Александар Џамбаски.

Подготвено од М.Д.

About Author