slobodan-trendafilov-960x558

29.10.2024 Скопје

Сојузот на синдикатите на РС Македонија треба да биде вклучен во креирањето на новите мерки од страна на Владата за ограничување на профитните маржи на основните производи за да не се случи трговците повторно да ја изиграат мерката на грбот на работниците и граѓаните, смета првиот човек на оваа организација, Слободан Трендафилов.

Тоа што можам јас да го кажам врз основа на параметрите со кои ние располагаме е дека 47 продукти или производи од минималната синдикална кошничка беа преземени во мерката што ја донесе владата за 70 продукти или производи на кои им беше ограничена маржата. За жал, трговците го искористија периодот кога Владата најавуваше дека ќе се донесе ваква мерка и што направија? Прво ги зголемија цените и синдикалната минимална кошничка во делот на растот на трошоците за храна и за пијалаци беше зголемен за некаде околу 750 денари за септември, а сега за октомври е намален за некаде 960 денари, што ќе каже дека трговците беа алчни, на грбот на работниците повторно се обидуваа да заработуваат и цените кои ги зголемија во септември само ги намалија во октомври и повторно останаа со истиот профит кој го имаа – изјави Трендафилов.

Претседателот на ССМ вели дека во РС Македонија можеме да гледаме само зголемување на алчноста на трговците на штета на граѓаните и на работниците, додавајќи дека Владата треба да преземе поригорозни чекори за да ги спречи ваквите појави.

Се разбира дека чекаме и ограничувањето на маржите согласно Законот за нефер трговски практики да профункционира, меѓутоа од тоа што го гледаме на терен е дека навистина е слаб настапот на инспекторатот, не поради тоа што не сакаат, туку затоа што имаат многу мал број на луѓе кои треба да контролираат огромен број на трговци. Сметаме дека ССМ треба да бидеме вклучени во начинот на креирање на новите мерки кои ќе ги креира Владата за ограничување на маржите имајќи предвид дека две третини од тоа што го предвиделе е од минималната синдикална кошничка, а ние ја пресметуваме истата и знаеме најдобро што е потребно – рече Трендафилов.

Подготвено од М.Д.

About Author