28.10.2024 Скопје
Заврши 39. издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. На сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип беа промовирани 28 нови композиции – 13 песни од дебитанти, од кои петте најдобри од првата вечер влегоа во ревијалната вечер во саботата.
Наградата за најслушната композиција меѓу двата фестивала, е песната „Сафир“ на Таско и Малена.
„Макфест“ годинава финансиски беше поддржан од Општина Штип и општествено-одговорни компании во висина од пет милиони денари, а од Министерството за културата и туризам финансиската помош е еден милион денари. Оркестарот по долги години се врати на макфестовската сцена.
По 26 години пауза од макфестовската сцена, Дарио реши повторно да настапи и тоа со песна „Засекогаш млад“. Дарио последен пат настапи во далечната 1998 година со песната „Камен на срце“, тогаш заедно со „Миг 21“. По повеќегодишна пауза, македонската пејачка Елена Ристеска се врати на сцената со песната „Ме боли за сѐ“, а Елена е единствена од постарата генерации која нема настапено на Макфест.
И годинава „Макфест“ беше со две вечери, од кои првата беше посветена на новите ѕвезди, додека втората беше ревијална.
На сцената се појавија повеќе водителски парови, освен стандардните Маријана и Димитар, а се оддаде почит со голем аплауз на сите кои придонеле „Макфест“ да биде тоа што е, а не се повеќе меѓу нас.
Годинава поеќето ѕвезди блеснаа со интересни креации, а интересно е дека црвената боја доминираше на сцената кај неколку креации, вклучувајчи ги и двете креации на водителката Маријана Станојковска.
По завршувањето на фестивалот беше организирана и забава за учесниците каде традиционално се сечеше макфестовската торта, а одлична забава направија Куку леле, Елена Ристеска и Јован Јованов заедно со Таско и нѐ потсетија на најслушаните македонски хитови од изминатите години.
Подготвено од М.Д.