pruga

25.10.2024 Скопје

Министерот за транспорт, градежништво и инфраструктура Горан Весиќ денеска изјави дека реконструкцијата на пругата Ниш – Брестовац, која започна пред повеќе од три години, ќе заврши во февруари 2025 година.

„До февруари следната година ќе бидат завршени уште 23 километри пруга јужно од Ниш до Брестовац. Имаме уште 135 километри во Србија и 50 километри во Република Северна Македонија да ги поврземе Скопје, Ниш, Белград, Нови Сад и Будимпешта. Тоа го договоривме со Владата на Република Северна Македонија. Заеднички ќе бараме финансии за нашите 135 километри и нивните 50 километри “, изјави Весиќ .

Изградбата на таа пруга започна свечено, во септември 2021 година, во Долно Меѓурово, во присуство на претседателот на Србија Александар Вучиќ и бројни функционери.

Според планот, оваа пруга требаше да се изгради до јуни 2023 година. Изведувач на работите е конзорциум на бугарските компании Trace Group Holding PLC и Balkantel, вредноста на договорот е околу 60 милиони евра и станува збор за работи на модернизирање на пругата на меѓународниот Коридор 10 преку Србија, меѓу Ниш и Брестовац.

Кога станува збор за брзата пруга Белград – Ниш, Весиќ кажа дека таму ќе возат возови со брзина од 200 километри на час и дека работите ќе почнат следната година.

Весиќ рече и дека Европската комисија донела директива според која земјите кои не се членки на Европската унија, а низ кои минува коридорот можат да добиваат пари за железницата.

Подготвено од М.Д.

About Author