16.10.2024 Скопје
Ексклузивни концерти на музичари од два континента ќе го обележат 43. издание на Скопскиот џез фестивал, што ќе трае од 17 до 20 октомври. Настаните ќе се одржуваат во Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар.
Фестивалот годинава ќе го отвори супериорно најдобрата и најпопуларна џез-пејачка во светот, трикратната Греми лауреатка Сесил Меклорин Салвант од САД со нејзиниот блескав квартет во кој, меѓу другите, членува и еден од водечките американски џез-пијанисти, Саливан Фортнер.
Основачот и првиот човек на фестивалот Оливер Белопета вели дека програмата го следи концептот од изминатите години, кој нашироко е опишан како успешен, а тоа е да го претставува она што е најактуелно и најкреативно во џезот и во импровизираната музика.
„Целта ни е да останеме меѓу оние четири-пет-шест фестивали кои имаат најкреативна програма. Годинава имаме мал, односно голем исчекор, а тоа е дека најголемиот број концерти се наполно ексклузивни и се случуваат само во Скопје. Исклучок е само првата вечер, кога настапува најдобрата џез пејачка во последната декада Сесил Меклорин Салвант, која исто така беше планирана како ексклузива, но потоа си направи мала европска турнеја, која започнува овој четврток во Скопје. Сите други концерти не се дел од турнеи и музичарите доаѓаат специјално од САД, Велика Британија, Скандинавија“, вели Белопета.Фестивалската програма годинава е исклучително силна, внимателно селектирана и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите светски имиња на современиот џез и креативната музика.
Подготвено од М.Д.