07.10.2024 Скопје
Сиромаштијата повторно зема замав. Стапката во 2021 година била 23 проценти. Состојбата е продлабочена во однос на измерените нивоа во двете години пред тоа. Притоа, и натаму најзагрозени се четиричлените семејства со две мали деца, а во најповолна положба во однос на сиромаштијата се пензионерите.
Ова се официјалните бројки, кои Државниот завод за статистика требаше да ги објави уште кон крајот на 2022 година. Лаекенските индикатори за сиромаштијата се пресметани врз основа на податоците од анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува согласно препораките на ЕУ. Притоа, прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход.
Врз база на анализите, статистиката проценила дека е највисока стапката на сиромаштија – 26,4 проценти, кај домаќинствата сочинети од двајца возрасни и две издржувани деца. Следуваат вработените лица, кај кои и покрај месечните примања, стапката е 8,9 проценти. Со немаштијата најмалку се соочени пензионерите, барем според утврдените 8,1 процент.
А, пак, мерката за нееднаквост во распределбата на приходите, која статистичарите ја нарекуваат коефициентот на Џини, за 2021 година е 30,3 проценти.
Како што појаснуваат од ДЗС, оценката на податоците за сиромаштијата е направена со користење на податоците од последниот попис.
Ако е за утеха, имало и полошо. На пример, во 2010 стапката била 30,9, а во 2011 – 30,4 проценти. Но, било и подобро.
Освен што празниот стомак не и верува на статистиката, и стручната јавност одамна посочува дека стапката што ја прикажува ДСЗ е релативна, затоа што е заснована единствено на приходите. Инаку, во квалификацијата постојат уште и апсолутна и субјективна, односно лична сиромаштија.
По дефиниција, сиромаштијата значи недостиг од сето она што е неопходно за нормален живот – храна, облека, покрив над глава, здрава вода за пиење. Или, расчекор помеѓу потребите и можностите. Па, има ли разлики меѓу статистичката слика и реалноста?
Во РС Македонија одамна е согледана вистината дека средната класа се стопи, а сиромашните се мнозинскиот дел од населението, во кој постојано се регрутираат нови припадници. Вброена е и меѓу најсиромашните држави во Европа. Притоа, не само минималните, туку просечните примања – плати и пензии, се далеку од потрошувачката кошница, онаа елементарната. А цените, напредуваат, без оглед што повремено властите креваат кочница.
„Податоциве се задоцнети. Се однесуваат на периодот веднаш по акутната фаза на пандемијата, кога многу нешта беа различни. Од тогаш се изнаслучија толку многу работи – војната во Украина, енормниот скок на цените, војната во Газа – поради што 2021 година делува како далечно минато“, вели економистот и аналитичар, Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Меѓутоа, покажуваат дека на удар се сиромашните.
„Па сепак, мислам дека податоците покажуваат нешто, а тоа е дека од сите овие случувања од последните неколку години, најсиромашните најмногу настрадаа. Само неколку согледувања: стапката на сиромаштија од 23% во 2021 година е највисоката забележана во РС Македонија од 2013 година. Ова е трета година по ред како стапката на сиромаштија се зголемува – во 2019 беше 21,6%, во 2020 – 21,8%, и сега во 2021 – 23%. Ако за периодот од 2014 до 2020 може да се каже дека стапката на сиромаштија генерално стагнираше, флуктуирајќи околу 22%, сега е веќе јасно дека таа повторно расте“, нагласува Јовановиќ.
Според него, стапката се однесува за година кога макроекономските показатели не биле многу лоши.
„И овие се податоци за 2021 година која, од макроекономска гледна точка, и не беше толку лоша. Тогаш БДП порасна за 4,5%, инфлацијата беше релативно ниска (3,4%), а платите имаа мал раст (околу 2% реално). Следната година, 2022, беше многу полоша, бидејќи тогаш инфлацијата достигна 14%, БДП порасна само 2,2%, а реалните плати паднаа за околу 3%. Кога ќе излезат податоците за 2022 година, дури тогаш ќе стане јасно дека и оваа криза се скрши на грбот на сиромашните“.
Оттаму и препораките до властите за совладување на негативните состојби на ова поле, со суштински, а не со козметички мерки.
„Она што сметам дека е најважно од целата оваа ситуација е – политичарите да се освестат дека РС Македонија сѐ уште има сериозен проблем со сиромаштијата, кој не смее да се игнорира. Новата влада мора под итно да преземе мерки околу ова, и тоа не само козметички, како што е ограничувањето на маржите на неколку производи за месец дена, туку суштински – најбрзо што може да ги зголемат примањата на луѓето, особено социјалната помош и минималната плата“, дециден е Бранимир Јовановиќ.
Подготвено од М.Д.