fond-za-inovacii

30.10.2024 Скопје

Шеесет компании од различни дејности за пет години направиле дупка од 3,2 милиони евра во Фондот за иновации и технолошки развој преку злоупотреба на доделените финансиски средства за фиктивни проекти, кои не ги дале очекуваните резултати.

Ова на прес-конференција го соопшти в.д. директорот на Фондот, Никола Додов, кој сподели дел од наодите на внатрешната ревизија во институцијата, која е сè уште во тек, најавувајќи кривични пријави и други правни мерки против компаниите кои ги сториле ваквите злоупотреби.

Ревизијата досега утврдила дека 50 приватни здравствени установи користеле средства од Фондот за набавка на медицинска апаратура за време на ковид-кризата, што е спротивно на Законот за трговски друштва.

„Овие средства кои биле наменети за поддршка на иновации и развојни проекти биле злоупотребувани од страна на околу 60 компании. Наместо да ги користат средствата за реализација на проектите тие спроведувале фантомски проекти без конкретни резултати, што резултира со значителна штета на државниот буџет и граѓаните. Во рамките на ревизијата која се спроведува, од вкупно 60 компании кои се предмет на истрага веќе се поведени постапки за наплата на побарувања пред надлежен извршител, додека дел од нив се во постапка за поднесување на кривични пријави и граѓански парници по кои понатаму ќе постапува надлежното обвинителство, односно надлежните судови. Според нашите наоди вкупниот износ што овие компании го должат во државниот буџет е 192 888 642 денари, што е приближно некаде околу 3,2 милиони евра“, рече Додов на прес-конференцијата.

Биле утврдени несоодветни договори и сомнителни практики во работата на претходните раководства на Фондот во изминатите пет години, од кои дел вклучуваат фирми поврзани со политички функционери, договори со правни неправилности, конфликт на интереси и прикривање податоци.

За претходното раководство на Фондот, Додов кажа дека работело неефикансо и непродуктивно, а за внатрешните и надворешни правни експерти кои работеле на ревизијата кажа дека вложиле натчовечки напори за да обезбедат докази и бројки за штетите што ги претрпел буџетот на државата преку злоупотреба на пари доделени од Фондот.

Во таа насока, директорот соопшти дека за време на истрагата дошле до информации дека неколку фирми се корисници на повеќе грантови за слични или идентични проекти, што според Додов го отвора прашањето колку е транспарентен и ефикасен системот на доделување грантови.

Додов посочи компанија чие раководство било во непосредна роднинска врска со високи функционери од претходната влада на СДСМ и ДУИ, но не го наведе името на компанијата, само кажа дека нивните истражувања покажале дека нејзиниот управител не само што добивал финансиски средства од Фондот, туку истиот бил управител на уште четири други фирми кои исто така имале добиено средства за иновации и технолошки развој.

Подготвено од М.Д.

About Author