https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Money-2180330_1920.jpg

17.10.2024 Скопје

Недостигот на работна сила значително ја коригира цената на трудот, но последните статистички податоци открија огромен парадокс: просечната нето-плата се намали за речиси 1.000 денари! Последните статистички податоци се однесуваат за јули, кога просечната исплатена нето-плата била 40.961 денари, за разлика од платата во јуни, која изнесувала 41.939 денари.Интересно е, пак, што јули е месец кога пазарот на труд уште повеќе се намали со оглед на одливот на сезонски работници коишто отидоа на летна работа во регионот, но и подалеку. Но, тоа не значеше дека тие што останаа беа стимулирани со поголеми плати.

Анализиравме дали постои некоја друга земја во регионот каде што платите се намалиле? Потврда не даде ниту еден од податоците на националните статистики. Напротив! Секаде околу нас имало раст на платите во јули во однос на јуни. Исклучок е Хрватска, но и таму немало намалување на платите, туку имало стагнација.

РС МАКЕДОНИЈА И ПОНАТАМУ Е НА ДНОТО ПО ОДНОС НА ПЛАТИТЕ

Тоа што е уште позагрижувачко е што платите се намалуваат, а веќе се најниски во регионот. Тоа е факт што само уште повеќе може да ја засили миграцијата на работна сила. Според податоците од националните статистики, во јули никој во регионот немал помала просечна плата од нашата.

ШТО ЕВИДЕНТИРАЛЕ АГЕНЦИИТЕ ЗА СТАТИСТИКА ВО РЕГИОНОТ?

Секако, сите земји, па и РС Македонија, имале годишен раст на платите. Но, покрај номиналниот износ на раст на платите, значаен индикатор е колку тие и реално пораснале, кога ќе се пресмета делот што го изела инфлацијата, а и такви податоци нудат статистиките.

Во РС Македонија јулската просечна нето-плата од 40.961 денар (665 евра) е за 2,3 насто помала од јунската, а ако се пресмета и обезвреднувањето од инфлацијата, статистичарите пресметале дека просечната нето-плата е намалена за 3 насто. Но, во однос на пред една година, таа е зголемена, и тоа за 12,9 насто номинално, односно за 9,6 насто реално (со инфлацијата).

Во Србија нето-платата во јули била 97.835 српски динари (835 евра) и таа забележала номинален раст од 2,1 насто во однос на јуни, а реалниот раст, што значи со вклучена инфлација, бил 1,7 насто.

На годишно ниво во јули во Србија имало номинален раст на платите за 16,8 насто и реален за 12 насто во однос на јули 2023 година.

Во Црна Гора просечната нето-плата во јули била 851 евро, што е за 1,6 насто повеќе отколку во јуни, или реално – растот е 1,2 насто. На годишно ниво номиналниот раст бил 6,8 насто, но во извештајот не видовме податок за реалниот раст.

Агенцијата за статистика на Босна и Херцеговина објави дека нето-платата во јули била 1.395 конвертабилни марки (713 евра) и дека е поголема и во номинален и во реален износ за 1,5 насто во однос на јунскиот просек. Во јули 2024 година во однос на јули 2023 година платите во БиХ номинално се зголемиле за 10,6 насто, а реално за 8,3 насто.

Во Хрватска, јулската просечна нето-плата била 1.315 евра и е иста како и во јуни, но е за 15,2 насто поголема отколку ланскиот јули, а со вклучена инфлација растот е 12,7 насто.

Во Словенија, очекувано, има најголема просечна нето-плата и во јули изнесувала 1.508 евра. Овој износ е номинално поголем за 0,5 насто во однос на јуни, но ова е единствената држава од анализираниот регион каде што реалниот раст е поголем и изнесува 0,6 насто. Споредено со ланскиот јули, во Словенија имало реален раст на платите за 5,8 насто, а номинално за 7,2 насто.

НАЈГОЛЕМ НОМИНАЛЕН РАСТ НА ПЛАТИТЕ ЗА ЕДНА ГОДИНА ИМА ВО СРБИЈА

Од овие податоци може да се види дека иако македонската просечна нето-плата има негативен раст во јули во однос на јуни, на годишно ниво таа има трет најголем раст во регионот. Годишниот раст од 12,9 насто е зад растот од 16,8 насто во Србија и 15,2 насто во Хрватска.

Но, и покрај годишниот раст на платите, со оглед на постојаното заостанување на платите зад земјите во регионот, РС Македонија и понатаму е на самото дно по висината на нето-платата што ја добиваат вработените.

Подготвено од М.Д.

About Author