GRADINKA 1

09.10.2024 Скопје

Цената за згрижување на децата во градинките во Општина Карпош се зголеми за 500 денари, па од досегашните 1.490 денари, новата месечна сума изнесува 2.000 денари.

Одлуката за зголемување на цената беше усвоена на последната седница на Советот на Општина Карпош, каде што, по долги преговори, беше постигнат консензус меѓу советниците.

„Со овој предлог, месечната претплата за целодневен престој на децата до шестгодишна возраст во градинките ќе изнесува 2.000 денари, а истиот износ ќе важи и за деца од шест до десет години за престој и исхрана“, објавија од Општината на својата официјална Фејсбук страна.

Причините за корекцијата на цената, според соопштението, лежат во зголемените трошоци за енергија и континуираниот раст на цените на храната, што довело до потребата за оваа мерка. Од Општината уверуваат дека зголемувањето на месечната партиципација ќе резултира со подобрени услуги за најмладите жители на Карпош.

Во надлежност на Општина Карпош се градинките „Мајски цвет“, „Орце Николов“, „Пролет“ и „Распеана младост“, каде што ќе важи новата цена.

Подготвено од М.Д.

About Author