svetska-nedela-na-vselenata

04.10.2024 Скопје

Годишната прослава на Светската недела на вселената во земјава започнува денеска со темата „Вселената и климатските промени“. Целта на овој настан е да се истакне важноста на вселенските истражувања и нивното позитивно влијание врз човештвото.

Секоја година од 4 до 10 октомври, луѓе од целиот свет се обединуваат за да ги прослават достигнувањата во истражувањето на вселената и да ги едуцираат и инспирираат младите, вели Марина Таневска, национален координатор на Светската недела на вселената во Македонија.

Овие датуми одбележуваат два историски настана:

● 4 октомври 1957 година: Лансирањето на првиот човечки направен сателит, Спутник 1, со што започна ерата на истражување на вселената.

● 10 октомври 1967 година: Потпишувањето на Договорот за принципи за мирно користење на вселената, Месечината и другите небесни тела.

Минатата година, Светската недела на вселената беше одбележана со 16.000 настани во 83 земји, вклучително и Македонија. Оваа година се очекува бројот на настани да биде уште поголем. Темата „Вселената и климатските промени“ има за цел да ја поврзе глобалната заедница и да го истакне значењето на сателитите и вселенската технологија во следењето на промените во животната средина и намалувањето на ефектите од климатските промени.

Одбележувањето ќе продолжи на 9 октомври со настанот #SpaceTalks: Од вселената до климатските промени. Овој бесплатен настан ќе се одржи во Стартап Клуб Скопје, со почеток во 19:00 часот, а вклучува две предавања: „Астероиди: мали небесни тела во Сончевиот систем“ на Елена Вчкова-Бебековска, професор по астрономија и физика на Природно-математичкиот факултет, како и „Климатската криза – Поглед од вселената“ на Горјан Јовановски, активист и ко-основач на EarthCare.ai.

Подготвено од М.Д.

About Author