08.10.2024 Скопје
Рено 4 е-тек електрик ќе дебитира на Саемот на автомобили во Париз на 14 октомври.
Француската компанија пред премиерата ги објави првите детали од екстериерот и должината на возилото. Со 4,14 метри, електричната „четворка“ е 22 сантиметри подолга од сестринскиот модел, рено 5 е-тек електрик.
Рено 4 од 1961 година беше првиот сериски автомобил на таа компанија со мотор поставен напред. Како и кај новиот, електричниот модел, подот на патничката кабина беше рамен, бидејќи автомобилот немаше тунел за пренос на силата.
„Четворката“ се сметаше за практичен семеен автомобил за секојдневна употреба, и за во град и за на село, и за работа и за одмор.
Рено 4 е-тек електрик треба да биде подеднакво практичен како и оригиналот. Како и електричната „петка“, базиран е на механичката платформа АмпР-смол и има исклучиво батериски електричен погон, веројатно сличен на Р5.
Новата „четворка“ ќе се произведува во Франција, а во продажните салони ќе стигне во 2025 година.
Подготвено од М.Д.