20241015155039

16.10.2024 Скопје

Aлбанскиот премиер Еди Рама изјави дека жали што неговата земја почна преговори со Европската Унија(ЕУ), а РС Македонија не.

Тој вели дека РС Македонија била понижена. Според него, со оваа одлука за раздвојување се прави штета на регионот и на народов.  Рама изјави и дека РС Македонија беше пред 20 години неспорно ориентирана кон западната евроатлантска заедница, а сега работите се менуваат.

„Тажен сум што нашите браќа од РС Македонија не може да влезат во фазата од преговорите во кои сега е Албанија, иако беше меѓу првите, ако не и прва, што го почна овој процес меѓу државите во регионот. Па кога зборувам за нашите понижувања затоа што трипати по ред бевме одбивани за почеток на пристапните преговори, тогаш се чувствувам некако засрамено затоа што морам да помислам на понижувањата на Република Северна Македонија. Тие го сменија името и за да можат да започнат преговори. Историјата не може да биде причина за запирање на пристапните преговори за која било земја“, рече Рама.

Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто вели дека идеална ситуација би била доколку РС Македонија и Босна и Херцеговина(БиХ) одржат меѓувладини конференции за старт на преговорите со ЕУ до крајот на годината.

Во земјава, од СДСМ велат дека тоа што Албанија почна преговори, а РС Македонија не, е голем пораз за премиерот Христијан Мицкоски.

РС Македонија доби статус на земја кандидат за ЕУ во 2005 година. Пречка на европскиот пат прво беше Франција, а потоа Бугарија го блокираше европскиот пат на РС Македонија. Бугарија бара внесување на Бугарите во Уставот.

Подготвено од М.Д.

About Author