14.10.2024 Скопје
Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека нема потреба од посредништво во разговорите меѓу Скопје и Софија, за продоложувањето на преговорите на земјава.
На прашањето да даде коментар на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека е подготвен да води преговори со бугарскиот претседател, Радев рече дека отсекогаш бил отворен за дијалог, но, според него, треба да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.
Преговорите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол за договорот за добрососедство. Ако зборуваме за дијалог, тој треба да се води меѓу Република Северна Македонија и Европската комисија и тоа врз основа на прифатената Преговорачка рамка за Република Северна Македонија, која со консензус, едногласно е усвоена од сите земји членки на ЕУ и е прифатена од Владата на Република Северна Македонија, рече Радев во изјава за бугарски медиуми.
Според него, работите се и повеќе од јасни и дека Република Северна Македонија треба да ги исполни барањата поставени од Европската Унија, а Бугарија, како што рече, може да помага во тој процес.
И ќе повторам по којзнае кој пат, ние сме подготвени и ние треба да помогнеме. Тоа е нашата одговорност, и тоа да помагаме Република Северна Македонија побрзо и поефективно да ги исполни условите запишани во двостраниот протокол и во Преговарачката рамка, така што би можеле посигурно да чекорат по европскиот пат, изјави бугарскиот поретседател.
Подготвено од М.Д.