07.10.2024 Скопје
Недостигот на работна сила, и понатаму горчлив проблем за економијата во земјава. Недостигот на работна рака и иселувањето, државата да го балансира со увоз на работници од трети земји.
Од недостиг на работна сила најпогодени се секторите градежништво, угостителство и производство.
Директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова истакнува дека ова се и најбараните профили на работници кои се бараат од страна на работодавците.
„Но, наместо македонски државјани да се вработуваат, заради се поспецифичните барања на работодавците, се вработуваат и работнци од странство кои ги исполнуваат условите“, посочува Пешова.
И додека државата со години се обидува преку ад хок решенија да покрива уште еден од низата проблеми во стопанството, како што е кусокот од квалификувана работна сила, преку ангажирање работници од странство, од бизнис-секторот инсистираат да се воспостават сериозни сеопфатни и интегрални реформски механизми. Тие, меѓу другото, ќе го спречат и феноменот на одлив на работници, кој се јавува и како последица на анемичниот приод кон толку потребните сериозни реформски зафати во стопанството.
Според Пешова, многу често работодавците имаат специфични барања за вработувања, таков расположлив кадар кој е на евиденција на агенцијата за вработување – нема.
Бараат разни сертификати и тие се главна причина за да се одлучат да го поплнат работното место со странски државјанин. Одлуката е на самиот работодавец – истакнува директорката.
Заради задоволување на потребите на стопанството, потребна е поголема ангажираност на надлежните институции околу мотивирањето на невработените лица за преквалификации и дообуки. Иако од бизнис-секторот континуирано се потсетува на зголемување на бројот на учениците во стручните средни училишта, досега не беше спроведена стратегиска промена на севкупниот образовен систем. Реформите во образованието и наставните програми не ги следеа потребите на стопанството и адекватно на тоа да се насочува и идниот кадар што треба да биде активен на пазарот на трудот -посочуваат од бизнис-заедницата.
Доколку не се преземат конкретни чекори за подобрување на економските услови, може да се очекува дека проблемот со недостигот на работна сила ќе продолжи да се зголемува, што ќе допринесе и за зголемување на негативните последици врз економскиот развој на државата.
Подготвено од М.Д.