16.10.2024 Скопје
Сегашните и поранешните пушачи живеат со поголема физичка болка од оние кои никогаш не пушеле, покажува голема научна студија.
Научниците од Универзитетот во Лондон спровеле истражување на повеќе од 220.000 луѓе и откриле дека оние кои пушат цигари имаат поголеми физички проблеми.
Испитаниците беа класифицирани во три категории: оние кои никогаш не пушеле цигари, оние кои се поранешни пушачи и оние кои се уште пушачи.
Научниците ги прашале учесниците во студијата со колкава физичка болка живеат на дневна основа, на скала од нула до 100.
Сегашните и поранешните пушачи во просек изјавиле дека доживеале еден до два поени повеќе болка од оние кои никогаш не пушеле.
Студијата открила врска помеѓу долгорочното пушење и живеењето со поголема болка, дури и по откажувањето од оваа навика.
Клучното откритие на оваа студија е дека поранешните пушачи сè уште го чувствуваат ефектот на зголемена болка, е заклучокот од студијата што ја пренесува Би-би-си.
Научниците, засега, не можат да објаснат што ја предизвикува поврзаноста помеѓу пушењето и искуството на поголема физичка болка.
Една хипотеза е дека некои од илјадниците хемикалии кои се наоѓаат во цигарите предизвикуваат трајно оштетување на ткивото, што резултира со повисоки нивоа на болка.
Друга хипотеза е дека пушењето има траен ефект врз хормоналниот систем во телото.
Постои и теорија според која пушењето е симптом, а не причина. Некои претходни студии покажаа дека луѓето кои чувствуваат болка поинтензивно имаат поголема тенденција да пушат.
Подготвено од М.Д.