Mickoski-i-nova-Vlada-izglasani-vo-parlament-7-bg

01.10.2024 Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција ќе ги презентира резултатите од првите 100 дена од работата на Владата. Под слоганот „100 проценти посветени, за тебе!“, премиерот ќе ги прикаже постигнувањата, проектите и мерките кои беа реализирани од новото раководство откако ја презеде извршната власт.

Меѓу активностите што го одбележаа работењето на Владата, покрај  транзициите на  функционерските позиции и ребалансот на Буџетот, се и задолжувањето од половина  милијарда евра од Унгарија, од кои средства ќе се реализира повикот за финасирање  инфраструктурни проекти на општините, како и поддршка на стопанството. Исто така и линеарното зголемување на пензиите што стартува од денеска  во износ од 2.500 денари, а за уште толкав износ пензионерите ќе имаат покачување  и од март следната година, како што е предвидено во неодамна донесените измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Покрај борбата против криминалот и корупцијата  и реформите во судството и во администрацијата што ги ветува Владата, меѓу предизвиците остануваат и високите цени на храната, за што неодамна донесе одлука за ограничување на профитните бруто маржи на 73 прехранбени производи, а се очекуваат пониски цени и со Законот за забрана на нефер трговски практики, што беше донесен пред шест месеци. Исто така, барањата за зголемување на платите од Сојузот на синдикатите на Р.С. Македонија, од Синдикатот на вработените во образованието и наука.

На внатрешно-политички план актуелен предизвик е Предлог законот за бранители, што предизвика превирања меѓу коалициските партнери, а на полето на евроинтеграциите минатонеделната одлука за одвојување на Албанија од државава на европскиот пат, односно одложувањето на стартот на преговорите до исполнување на обврската за уставните измени.

Во периодот на новата Влада, Уставниот суд на иницијатива на поранешниот состав на Антикорупциската комисија донесе времена мерка за запирање на вработувањата по етнички клуч преку  алатката „Балансер“, а ресорното Министерство  за јавна администрација веќе испрати насоки до институциите како да постапувааат при јавните огласи.

Првите 100 дена од Владата веќе ги одбележа коалицискиот партнер Вреди, а лидерите на партиите од коалицијата на настан под слоганот „Преминуваме на дела“, порачаа дека следува институционална борба за санкционирање на сите кои се огрешиле пред законот од минатата Влада. Оценија дека  за изминатите сто дена имаат направено значителна разлика со албанската опозиција и оти приоритети за иднината вклучуваат реформи во јавната администрација, енергетска транзиција и развој на човечки капитал.

Новата Влада беше избрана на 23 јуни и ја сочинуваат партиите ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и коалицијата Вреди. Владата има вкупно 20 министерства, додека владиниот кабинет брои 24 члена. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Има пет вицепремиери  и еден прв вицепремиер. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

На гласањето на Владата со таков состав претходеа измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со двотретинско мнозинство. Со нив се изврши промена на бројот на министерствата и менување на делокругот на надлежностите на дел од постоечките министерства во Владата.  По ангажманот на градоначалниците на Аеродром, Сарај и Гостивар во извршната власт, со двотретинско мнозинство, обезбедено со дел од пратениците од опозицискиот Европски фронт, неодамна беа изгласани и измени на Законот за локална самоуправа, со кои се продолжи до следните локални избори мандатот на в.д. градоначалниците.

Подготвено од М.Д.

About Author