20241016-praga-go-zabranuva-popularnoto-shetanje-po-barovi-m

16.10.2024 Скопје

Градскиот совет на Прага донесе одлука да се забрани организираното „шетање“ по пабови со цел да се спречи однесувањето што им пречи на граѓаните.

Во понеделникот Прага ги забрани турите во пабовите организирани од туристичките компании во обид да спречи ноќна бучава предизвикана од пијани туристи.

Забраната усвоена од локалните советници значи дека вечерното шетање по пабови, во кое учесниците го следат водичот од бар до бар, повеќе не смее да се прави помеѓу 22 и 6 часот наутро.

Нерационалното консумирање алкохол и нарушувачкото однесување поврзано со посета на пабови може да создаде впечаток на немање култура во заедницата, го намалува чувството на безбедност и може да има негативно влијание врз перцепцијата на градот од страна на туристите, потенцијалните инвеститори и самите граѓани – велат од градскиот совет.

Заменик-градоначалникот на Прага, Зденек Хриб, рече дека нема да биде возможно да се организираат тури со водич во вечерните часови, како и тоа дека на градот му се потребни покултурни, побогати туристи, а не оние што доаѓаат само за да се испијанат.

Жителите на центарот на Прага постојано се жалат на бучава и врева и тие се загрижени за безбедноста. Улиците се преполни со пабови и пиварници, а просечниот Чех консумира најмногу пиво во светот.

Подготвено од М.Д.

About Author