gokovik-nadal

19.10.2024 Скопје

Во сабота од 18 часот последен пат ќе гледаме натпревар помеѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. Одиграа 60 официјални натпревари, Новак води со 31-29, а сега ќе се сретнат на егзибициски дуел во Ријад, во меч за третото место, откако и двајцата загубија во полуфиналето.

Ѓоковиќ одигра драматичен меч со Синер, но четврти пат во низа загуби од Италијанецот – сега со 6:2, 6:7, 6:4.

Во второто полуфинале Карлос Алкараз го победи својот модел Надал со 6:3, 6:3.
По ова, на Надал му останува уште еден турнир во кариерата – Дејвис купот со Шпанија во ноември.

„Немам голем притисок овде, само се трудам да се забавувам и да уживам во секој момент на теренот. Знаев дека ќе играм со ривали кои се во многу подобра форма од мене затоа што се на професионална турнеја, освојуваат турнири, а јас сум во друг момент од кариерата, за мене важното натпреварување кое ме очекува за еден месец е финалето на Дејвис купот. Се обидувам да уживам играјќи еден од моите последни натпревари“, изјави Надал.

Финалето на „Сикс Кингс Слем“ турнирот во Ријад ќе го играат Синер и Алкараз в сабота по мечот меѓу Ѓоковиќ и Надал.

„Секако дека Алкараз може да биде прв, многу пати играше со Синер, некогаш победува едниот, некогаш другиот. Во моментов тоа е најдобриот натпревар што можеме да го добиеме на Турнејата. Тенисот е во добри раце, се надевам дека ќе останат здрави, без повреди и ќе го продолжат ривалството. Овие двајца се над сите по нивото на игра и конзистентност, но да видиме како ќе се развиваат другите, да видиме кој ќе дојде од новите деца. Ќе уживам во тенисот од друга перспектива“, додаде Рафа Надал.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *