05.10.2024 Скопје
Во катастрофалните поплави кои погодија делови од Босна и Херцеговина загинаа најмалку 20 луѓе, а неколку десетици се водат како исчезнати. Само во Долна Јабланица, според податоци на Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон, загинале 16 лица.
Силен дожд и невреме предизвикаа големи поплави и одрони на подрачјето на Јабланица, Коњица, Фојница, Кисељак и Крешево. Најтешко е погодена Долна Јабланица, каде, според дел од босанските медиуми, отпадот насобран во каменоломот предизвикал лавина која затрупала неколку куќи, па цели семејства исчезнале.
Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина прогласи вонредна состојба на територијата на тој ентитет, а помош за ранливото население обезбедуваат единиците за цивилна заштита, вооружените сили на Босна и Херцеговина и припадниците на ЕУФОР.
Невообичаено силните дождови почнаа во четвртокот вечерта (3.10). Соседна Хрватска издаде предупредување од можни поплави за северниот дел на крајбрежјето, полуостровот Истра и внатрешноста на земјата.
Подготвено од М.Д.