25.10.2024 Скопје
Station OFF, со седиште во Краков, јужна Полска, ги отпушти новинарите пред неколку недели и оваа недела го продолжи емитувањето и соопшти дека тоа е „првиот експеримент во Полска со новинари кои се виртуелни ликови создадени од вештачка интелигенција“.
Радиото објави дека создало три „аватари“ дизајнирани да допрат до младите со програми за култура, уметност и социјални прашања, вклучително и прашања за ЛГБТК+ заедницата.
Директорот на радиото Мартин Пулит во изјавата рече дека сакаат да добијат одговор на прашањето дали вештачката интелигенција претставува повеќе можност или закана за медиумите, радиото и новинарството.
Потегот на краковското радио предизвика внимание ширум Полска, откако новинарот и филмски критичар Матеуш Демски, кој до неодамна водеше емисија на тоа радио, во отворено писмо го изрази својот протест „поради замената на вработените со вештачка интелигенција“.
„Тоа е опасен преседан кој нè погодува сите нас“, напиша Демски, додавајќи дека може да ја отвори вратата „во свет каде што искусни вработени со долгогодишно искуство во медиумскиот сектор и луѓе вработени во креативните индустрии би можеле да бидат заменети со машини“.
Демски за агенцијата АП изјави дека до 23 октомври повеќе од 15.000 луѓе ја потпишале петицијата и дека добил повици од стотици луѓе, меѓу кои и многу млади луѓе, кои не сакаат да бидат заморчиња во таков експеримент.
Пулит, од своја страна, тврди дека отказот дошол затоа слушаноста била „речиси на нула“.
Меѓу критичарите е и Кшиштоф Гаковски, полскиот вицепремиер и министер за дигитални прашања, кој на социјалната мрежа Х изјави дека треба да се донесе закон за регулирање на употребата на технологијата за вештачка интелигенција во медиумите.
„Иако сум поддржувач на развојот на вештачката интелигенција, верувам дека се повеќе се преминуваат одредени граници“, напиша Гаковски, нагласувајќи дека вештачката интелигенција мора да се користи за доброто на луѓето, а не против нив.
На 22 октомври неговата станица емитуваше интервју спроведено од „вештачки“ најавувач со гласот на полската нобеловка, писателката Вислава Шимборска, која почина во 2012 година.
Претседателот на фондацијата „Вислава Шимборска“, Михал Русинек, ја одобри употребата на името на поетесата за ова интервју, посочувајќи дека, со оглед на нејзината смисла за хумор, веројатно ќе ужива во овој вид на експеримент.
Подготвено од М.Д.