21.10.2024 Скопје
Фетулах Ѓулен, еден од најголемите политички противници на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, почина во САД.
Водачот на движењето ФЕТО и турски политичар почина на 83-годишна возраст.
Информации за неговата смрт пренесоа бројни западни медиуми кои се повикуваат на извори од семејството. Според неофицијални информации, тој починал поради кардиоваскуларни проблеми.
Ѓулен живееше во САД повеќе од две децении. Тој честопати беше мета на турските власти пред сѐ бидејќи беше осомничен дека стои зад обидот за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година.
Потоа, неговата организација ФЕТО беше прогласена за терористичка, а бројни поддржувачи беа прогонувани и во Турција и во странство. Според турските власти, структурата на Ѓулен е обвинета за воспоставување „паралелна структура“ во рамките на владата.
Ѓулен изгради моќно исламско движење внатре и надвор од Турција, но последните години ги помина во егзил обвинет за организирање обид за државен удар против турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, иако тој ги негираше обвиненијата.
Херкул, сајт кој ги објавува проповедите на Ѓулен, на својот Х профил објави дека Ѓулен починал во неделата вечерта во болницата каде што бил на лекување.
Фетулах Ѓулен некогаш беше сојузник на Ердоган, но подоцна се разидоа, а Ердоган го сметаше за одговорен за обидот за државен удар во 2016 година во кој бунтовничките турски војници ја презедоа контролата врз авионите на турските воздухопловни сили, оклопните и хеликоптерски единици. Во тој неуспешен обид за преземање на власта, загинаа околу 250 луѓе, а Ѓулен живееше во самопрогон во САД од 1999 година.
Подготвено од М.Д.