22.10.2024 Скопје
Пицерија со седиште во германскиот град Дизелдорф се најде во центарот на полициската истрага за продажба на дрога.
Според германската полиција, пицеријата испорачувала пици, но и кокаин, кој на менито бил наведен како „пица бр.40“. „Тоа беше една од најпродаваните пици“, соопшти германската полиција.
36-годишниот сопственик на пицеријата фрлил торба полна со дрога низ прозорецот штом полицијата му заѕвонила на врата. Сопственикот немал криминално досие. Два дена по апсењето, тој бил ослободен од затвор и повторно почнал да ја нуди „пица бр. 40“, што им помогнало на полицајците да идентификуваат други алки во синџирот.
Покрената е акција во која се уапсени 15 лица, од кои тројца се осомничени за набавка на дрога. Запленети се 1,6 килограми кокаин, 400 грама канабис и 268.000 евра во кеш. Во истрагата учествувале 150 полицајци.
Подготвено од М.Д.