nikoloski-delnica-Gostivar-Bukojcani-750x430

29.10.2024 Скопје

По 50 години се започнуваат реални работи на автопатска делница од Гостивар до Букојчани и до Кичево од Коридорот 8, изјави министерот за транспорт Александар Николоски, кој го опиша настанот како историски.

Навистина мислам дека имаме историски ден. Се работи за почетокот на автопатска делница од Гостивар до Букојчани и Кичево нешто за што се зборува преку 50 години. Практично, тоа е решавање на најтешкиот дел од она што треба да биде автопат Скопје – Кичево – Струга – Охрид, Коридорот 8, познатата Стража. Така што, првпат по 50 години почнуваат реални работи за изградба на овој автопат којшто ќе значи дека помеѓу главниот град на нашата држава и Охрид и Струга ќе се патува за некаде за 1,5 часа. Ова целосно ќе го промени функционирањето на економијата, но исто така ќе го промени и туризмот, а ќе се забрза и економскиот раст. Ова ќе значи голема поврзаност за сите –  рече Николоски.

На новинарско прашање каде ќе поминува трасата, министерот Николоски истакна:

Најсликовито, од третата или четвртата патарина продолжува до Гостивар и тука имаме комплетно ново решение од двете страни по три ленти, вкупно шест ленти и плус помошен пат. Од тука го заобиколува градот Гостивар, се движи над реката Врадар, оди на три големи мостови кои одат лево од Стража, се заобиколува Стража, оди по планината и излегува од другата страна кај местото Букојчани. Од Букојчани над Кичево веќе ЈПДП е во претселекција за избор на изведувач за новиот автопат и понатаму од над Кичево до Охрид веќе е автопатот кој се гради.

Тој рече дека во иднина ќе има многу други проекти.

Сакам да најавам уште многу добри вести во деновите коишто доаѓаат. Ние решивме да работиме, а не да бараме изговори и во деновите кои доаѓаат ќе има уште добри вести, а во годините пред нас ќе има многу нови реализирани проекти и во делот на автопати, и во делот на експресни патишта и во делот на железницата – рече Николоски.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека конечно може да се види дека се работи на Коридорот 8 по две години ветувања од претходната влада.

Денеска за нас ова претставува значаен момент бидејќи после две години, буквално после две години, ветувања и празни муабети денеска конечно може да се види нешто коешто треба да претставува дел од оној сон којшто го имаме како Влада, а тоа е како нашата земја да биде држава домаќин на три раскрсници. А тоа е раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на Владата да стане и реалност – рече  Мицкоски.

Тој рече дека интензивирањето на работите на автопатот почнале уште со првиот контакт со раководството на компанијата „Бехтел“ во Вашингтон за време на Самитот на НАТО.

Продолжија тука и гледате еве кога ќе се постигне заеднички, кога ќе има дијалог, кога ќе се разговара, може да се постигне и напредок. Тој напредок сите можеме сега да го видиме и јас сум навистина горд што сме денеска овде и што во периодот којшто следи ќе имаме уште многу пријатни и убави вести за вас, за македонската јавност и за македонските граѓани – рече тој.

Мицкоски најави дека во сабота ќе го посети и другиот дел од проектот на кој се гради, а тоа е делницата помеѓу Прилеп и Битола.

На настанот зборуваа и американската амбасадорка Анџела Агелер, вицепремиерот Изет Меџити и директорот на Државни патишта Коце Трајановски.

Автопатиштата од коридорите 8 и 10д кои ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ се во должина од 110 километри и чинат 1,3 милијарди евра, а треба да бидат завршени за 4 години.

Подготвено од М.Д.

About Author