30.10.2024 Скопје
Мозочниот удар и натаму е една од главните причини за траен хендикеп и смрт кај возрасните. Брзата медицинска реакција е клучна за намалување на последиците од мозочниот удар, како што потсетува и Светскиот ден на борба против мозочниот удар, кој се одбележува секоја година на 29 октомври, од кога беше воспоставен во 2004 година.
Во светот, годишно 12 милиони луѓе доживуваат мозочен удар. Со ова зголемување на бројот мозочни удари, главниот град на Австрија, на пример, развива нови иновативни пристапи за лекување. Имено, Виена има околу два милиони жители, а просечната возраст на погодените од мозочен удар е околу 65 години. Во овој град годишно се згрижуваат околу 4.000 пациенти со мозочен удар, што е четвртина од вкупниот број пациенти во Австрија.
Виенската здравствена асоцијација (ВИГЕВ) развива нов систем. Тој е изграден на три основни пристапи: Прием во специјалната единица, системска тромболиза – третман со употреба на посебни лекови за згрутчување на крвта (тромб) што го блокира крвниот сад во мозокот, и – за одредени пациенти, минимално инвазивна хируршка процедура со церебрална тромбектомија.
Целта е да се обезбеди најдобра можна нега во согласност со новите медицински случувања.
Во таа насока, ВИГЕВ размислува и за воведување мобилна единица со специјализирано возило за брза дијагностика и третман на мозочен удар на самото место. На овој начин, според стручњаците, би се намалило и оптоварувањето на болничките капацитети.
Според последните податоци на Светската здравствена организација (СЗО), објавени 2020 година, смртните случаи од мозочен удар во РС Македонија достигнале 5.521, или 24,02 отсто од вкупните смртни случаи. Тоа е еднакво на 165,58 на 100.000 жители. Превенцијата и брзата интервенција се клучни за зачувување и продолжување на животот на сите пациенти.
Подготвено од М.Д.