GASEN INTERKONEKTOR

21.10.2024 Скопје

По една година од објавувањето на претходниот, македонскиот национален оператор „Номагас“ повторно објави повик за потенцијални компании кои би го граделе интерконекторот за природен гас помеѓу РС Македонија и Грција.

На претходниот повик што беше објавен во ноември 2023 се пријавија пет заинтересирани страни за негова изградба, евалуацијата на понудите беше во тек, но во меѓувреме европската банка-финансиер најде техничка забелешка во тендерирањето, по што процедурата мораше да се повторува.

И овој пат предвидената сума на финансирање е иста – 83.653.000 евра, со тоа што овој пат постапката треба да оди побрзо, бидејќи грчката страна има извршна клаузула во меѓусебниот договор и доколку ја активира поради доцнењето, ќе може да бара отштета од 70 милиони евра, затоа што веќе соседите се понапред во фазите на изградбата и веќе имаат направено големи трошоци за гасното поврзување.

Македонскиот дел е 67 километарски од Гевгелија до Неготино. Понудите треба да пристигнат до 20 ноември, кога ќе биде и нивното отворање, односно почетокот на разгледување. Предвидениот период на изградба е три години. Се очекува евалуацијата на понудите да трае неколку месеци.

Иако првично беше проценето проектот да чини 57,8 милиони евра, во меѓувреме во енергетската и воената криза се зголеми проектираната сума на 83.653.000 евра.

Интерконекторот кон јужниот сосед на нашата земја треба да ѝ обезбеди посигурно снабдување со природен гас, како и диверзификација на изворите од каде РС Македонија досега го набавуваше гасот, односно руски „Газпром“. Единствената прекугранична гасоводна врска што ја има РС Македонија во моментов е со Бугарија.

Идниот гасовод меѓу РС Македонија и Грција е со должина од 123 километри и ќе се гради на потегот од Неготино преку Гевгелија до Неа Месимвриа во Грција. На овој начин, во иднина би се обезбедила алтернативна врска за обезбедување на природен гас од идниот ЛНГ-терминал во Грција, како и од гасоводот ТАП кој од Азербејџан преку Турција носи природен гас кон Европа. Низ гасоводот треба да се пренесува и водород.

Европската инвестициска банка им предложи на македонските власти да распишат нов тендер за изградба пред два месеци. ЕИБ ја води тендерска постапка и таа се води во согласност со нејзините правила. Причината за стопирањето на првиот повик не е прецизирана, освен дека тендерските постапки се спроведуваат во целосна согласност со Водичот за набавки на ЕИБ, што подразбира отворен конкурс, правичност и избор на економски најповолна понуда.

Подготвено од М.Д.

About Author