10.10.2024 Скопје
Европските лидери гледаат можност за остварување поблиски врски со земјите од Персискиот Залив во поглед на регионалната безбедност и економските прашања, на првиот самит помеѓу ЕУ и Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ), кој ќе се одржи следната недела.
Се очекува следната среда во Брисел лидерите на ЕУ да се сретнат со нивните колеги од Заливот – од Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) – на првиот ваков самит на високо ниво. ГЦЦ, со седиште во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, е регионално тело што бара политичка и економска соработка меѓу шесте земји од Персискиот Залив.
Еден од приоритетите во однос на исходот е политичката порака дека сакаме да ги направиме постратегиски односите меѓу ЕУ и ГЦЦ – изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Клучно прашање ќе биде како ЕУ и земјите од Заливот ќе успеат да ја состават заедничката декларација на самитот, чиј текст беше разменуван во повеќе наврати меѓу двете страни во изминатите недели.
Неколку европски дипломати му укажаа на „Еурактив“ дека со оглед на тоа што декларацијата треба да опфати широк опсег прашања од секторската соработка, тие очекуваат оти најверојатно нема да се заземе силна линија.
Заедничката изјава треба да ги одразува амбициите на двата региона, но во исто време да ги ублажи очекувањата во однос на далекосежна соработка за договорите за слободна трговија и за визна либерализација.
Трговијата ќе биде најистакната тема, додавајќи го и фокусот на енергијата и климата, поврзаноста, хуманитарната помош, безбедносниот дијалог и контактите меѓу луѓето и човековите права. Голем број земји членки на ЕУ побараа посилни текстови за Украина, додека некои се залагаат за посилен текст за родовите и човековите права – велат дипломатските извори.
Земјите членки на ЕУ, кои долго време беа навикнати да ја гледаат соработката со земјите од Персискиот Залив низ американска призма, се мачеа да ги рекалибрираат своите односи со регионот. Во текот на изминатата година, а особено откако изби војната меѓу Израел и Хамас, ЕУ сè повеќе се стреми кон зајакнување на врските со регионалните актери.
Неодамна новата меѓународна коалиција што бара решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт доби замав, што произлезе од разговорите на маргините на генералното собрание на ОН.
Лидерите на ЕУ веројатно ќе тестираат до каде може да оди таквата соработка, велат некои дипломати, бидејќи постои широка усогласеност за осуда на нападите на Хамас на 7 октомври и на израелската војна во Појасот Газа, како и на потребата за деескалација на тензиите во регионот во услови на ситуацијата во Либан.
Во однос на геополитичките теми – Блискиот Исток, војната во Украина, други војни и конфликти, како во Африка и во Судан, сакаме да се вклучиме со ГЦЦ и да ги охрабриме да играат посилна улога во одбраната на нашиот поредок заснован на правила и понатамошна поддршка за повелбата на ОН – изјави Мишел.
Европската комисија верува дека билатералните договори со одделни земји во регионот сега се поизводливи, според запознаените со ова прашање. Во исто време, Европејците се загрижени дека преговорите за билатерални трговски договори ризикуваат да ги отуѓат другите земји, како што е Саудиска Арабија, кои претпочитаат договор од регион до регион.
Фрустрирани од недостигот од напредок во можноста за регионален договор, ОАЕ лобираа во Брисел да почнат разговори за трговски пакт одвоен од разговорите за ГЦЦ.
Во исто време ОАЕ одржуваат блиски врски со Русија, што ги принуди западните земји да го притиснат Абу Даби да се бори против компаниите што ги избегнуваат западните санкции кон Москва преку нејзина територија.
Сепак, правно обврзувачките клаузули за човекови права, еколошките стандарди и специфичниот јазик за јавните набавки веројатно ќе останат долгогодишни спорни точки доколку тие разговори продолжат.
Подготвено од М.Д.