09.10.2024 Скопје
Неизбежно е зголемување на цената на струјата претстојната зима, сметаат експертите. Недостатокот на домашно производство, скапата струја на берзите, катастрофалната состојба во РЕК Битола и недостаток на јаглен се главните причини за тоа. Логично е ако немаме доволно домашно производство ценовните шокови да бидат неизбежни.
Произведената струја во РЕК Битола е многу скапа, а цените на берзите во регионот се покачија што значи дека логично е да очекува повисоки сметки оваа зима. Од друга страна, пак, државните субвенции за струја се укинаа, а граѓаните се жалат дека добиле повисоки сметки.
Сегашната власт ја обвини претходната дека изминатите три години не платила ни денар на име субвенции за струја. Долгот на државата кон ЕВН поради тоа што не се покривал овој трошок е 60 милиони евра.
Ако државата нема доволно производство ќе мора да увезе струја по повисока берзанска цена, со што логично е да биде зголемена и цената за домаќинствата. Во моментов цената на струјата на берзите се движи од 90 до 120 евра за мегават-час.
Претходната власт лажела дека давала субвенции за струја, а всушност не ги давале. Поради тоа, долгот кој сега државата треба да го плати поради неплатените субвенции изнесува 60 милиони евра.
Граѓаните се жалат дека извесен период не се субвенционира цената на струјата за домаќинства, а тоа може да се забележи и на сметките што корисниците ги добиваат. Дел од граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека септемвриските сметки им се зголемени.
За укинувањето на субвенциите неодамна реагираше и политичката партија Левица. Ставката „субвенции“ на сметката за електрична енергија магично исчезна, пред почетокот на грејната сезона. Најпогодени од ваквата политика се граѓаните со најниски примања.
Од Левица апелираат да продолжи субвенционирањето на електричната енергија, чиј прекин ќе ги погоди најсиромашните и веројатно ќе доведе до нов бран на инфлација.
Инаку поради високите цени на струјата на берзите во регионот, неизвесно е и воведувањето на дополнителен час дневна евтина тарифа, односно наместо до 15 да имаме евтина струја до 16 часот.
Веќе неколку месеци во земјите во регионов цените на електричната енергија достигнуваат и до 150 евра за мегават-час, во другите држави од ЕУ како Франција мегават чини околу 60 евра.
Министрите за енергетика на Грција, Бугарија и Романија, пак, нагласија дека ваквите цени се сериозен притисок врз економиите на земјите од Југоисточна Европа и бараат од Европската комисија да го оданочи вишокот на профит на производителите и трговците на струја, а парите од оданочувањето да се искористат за стабилизација на пазарот.
Подготвено од М.Д.