SKOPJE SOOBRAKAEN HAOS

30.10.2024 Скопје

Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Никола Крстаноски, потенцира дека на Скопје, кое веќе има многу жители, му е потребен висококапацитетен брз јавен превоз.

Тој нагласува дека е потребно и да се применат мерки за обесхрабрување на граѓаните за користење на автомобилите, но со обезбедена квалитетна алтернатива. Според економскиот експерт и професор Павле Гацов, мерките што може да доведат до растоварување на сообраќајот се: ограничување на влезот на големите камиони прекуден во градот, временско ограничување на бесплатното возење на пензионерите од 9:30 до 15:30 часот и потоа од 18:00 часот. Воедно, работното  време на автошколите да биде од 9:30 до 15:30 часот и потоа од 18:00 часот.

Главниот град се соочува со постојан сообраќаен метеж. Сообраќајниците се недоволни да ги примат автомобилите. Во утринските часови се создаваат долги колони, што предизвикува нервоза кај возачите, но и доцнење на работа. Дополнителен проблем претставува тоа што не е решено прашањето со јавниот градски превоз.

Граѓаните коментираат, бараат и прашуваат зошто не се заврши прстенот околу населбите, поточно булеварите: „Србија“, „Хрватска“, „Босна и Херцеговина“, „Словенија“ и „Црна Гора“. Други, пак, реагираат дека придонес во сообраќајниот хаос имаат и, како што велат, полуобучените возачи што зеле возачка, што го кочат сообраќајот, како и оние што не знаат да ги употребуваат трепкачите.

Економскиот експерт и професор Павле Гацов, на социјалните мрежи, дава свое мислење дека со мал сообраќаен менаџмент (потребен е совет од експерти), метежот по скопските улици може да се намали за една петтина. Тоа воедно би имало и позитивен одраз врз загадувањето на воздухот.

Според Гацов, брзите мерки што може да се преземат се: ограничување на влезот на големите камиони прекуден во градот, кои го забавуваат сообраќајот на главните влезни и излезни булевари од градот, потоа временско ограничување на бесплатното возење на пензионерите од 9:30 до 15:30 часот и потоа од 18:00 часот, заради овозможување поефикасен транспорт на вработените, учениците и на студентите. Воедно, работното време на автошколите да биде од 9:30 до 15:30 часот и потоа од 18:00 часот.

На тој начин би се намалиле метежот и стресот за почетниците, поради помалиот сообраќаен метеж – образложува Гацов.

Исто така, тој предлага чистењето на градските улици со возила да се одвива до 6:30 часот наутро и потоа од 18:00 часот, исто така и собирањето на сметот – до 6:30 часот наутро. Движењето на градежните машини да се ограничи до 6:30 часот наутро и по 18:00 часот. Гацов предлага и степенест почеток на работното време во установите и во општините, по 7:30, 8:00, 8:30, 9:00 часот.

Гацов додава дека со истите булевари и улици во Центар, Аеродром, градени пред 50 години, а со прекумерно зголемен број возила, проблемот со сообраќајниот метеж не може да се реши без изградба на подземни сообраќајници и кружни текови.

Одговорноста за моменталната состојба тој ја лоцира кај локалната и кај централната власт. Токму затоа, вели тој, треба да се консултираат сообраќајните инженери од Битола и други експерти, да се бараат искуства од други големи градови што имаат добар и функционален сообраќаен менаџмент, да се симулираат реални бројки, ситуации, решенија … итн.

Ова не ја исклучува набавката на нови еколошки автобуси. И знаете што друго е чудно: никој од оние што се платени за тоа не иницира акција за чистење на јавните површини, автопатиштата, реките, шумите… не се иницира масовно пошумување – заклучува тој.

Професорот на Техничкиот факултет – отсек Сообраќај и транспорт при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, Никола Крстаноски, смета дека светските искуства само треба да се применат кај нас и дека не треба да се измислува топла вода.

Официјален став на Европската Унија и ширум светот е градење одржлив урбан транспорт. Тоа значи планирање на транспортниот систем во градот на начин што ќе има најмало негативно влијание на околината, а да не се наруши мобилноста на населението – вели Крстаноски.

Тој потенцира дека може да се оствари тоа со промовирање видови сообраќај што помалку загадуваат и обезбедуваат превоз на поголем број луѓе. Тоа се, пред сè: квалитетен јавен градски превоз, велосипедски сообраќај, разни системи за изнајмување возила (велосипеди, електрични автомобили) и, пред сè, начин на урбано планирање што ќе овозможи, луѓето да исполнат поголем број од потребите со пешачење.

Професорот нагласува дека на Скопје, кое веќе има многу жители, му е потребен висококапацитетен брз јавен превоз, бидејќи, како што вели, автобускиот превоз не може да ги задоволи потребите на луѓето во овој град.

Има градови со 200.000 жители, кои воведуваат метросистем. И Скопје веќе треба да размислува во таа насока. Големото промашување со трамвајот претставува чекор назад – дециден е Крстаноски.

Тој укажува и на тоа дека е многу битно јавниот градски превоз да функционира на физички издвоена траса, но и на тоа дека треба да се применуваат мерки за обесхрабрување на граѓаните да ги користат автомобилите, но со обезбедена квалитетна алтернатива.

Наместо тоа, кај нас се намалува цената на паркинзите. Во град каде што доминираат автомобилите како превозно средство, нема решение за сообраќајните проблеми, бидејќи тие бараат многу простор и за движење и за паркирање – заклучи Крстаноски.

ДЗР: За секој извозен километар се прави трошок од два денара, а приход од еден денар.

Министерството за образование и наука две години не плаќа за бесплатниот превоз на студентите, за секој извозен километар се прави трошок од два денара, а приход од еден денар, ова го покажа ревизорскиот извештај за работењето на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ за 2023 година.

Во однос на плаќањето на надоместокот за извршениот превоз, според извештајот, ЈСП „Скопје“ во континуитет не ја исполнува обврската за исплата на аконтативната/конечната пресметка за претходниот месец, 15 дена по приемот на фактурата.

Заклучно со 31.12.2023 година, претпријатието има ненамирени обврски кон овластените превозници во вкупен износ од 93.254 илјади денари, што може да создаде дополнителни тешкотии во понатамошното работење на правните субјекти ангажирани во јавниот превоз – констатираат ревизорите.

Подготвено од М.Д.

About Author