iseluvanje

25.10.2024 Скопје

Дури 42,67% од младите сакаат да се преселат во странство.

Истражувањето на Институтот „Фридрих Еберт“ покажува дека овој процент е понизок во останатите држави од регионот. По нас следуваат Албанија, Грција, Босна и Херцеговина. Младите од Хрватска и Црна Гора најмногу сакаат да останат дома.

Тоа што загрижува е што повеќе од половина од младите сакаат трајно да ја напуштат РС Македонија.

Две третини од младите сакаат да си одат поради финансиски и професионален напредок. 27,7% кажале дека во странство можат да добијат подобар животен стандард, а помал процент трагаат по подобри можности за вработување и за образование.

Младите сѐ уште се убедени дека за да се вратат потребна им е партиска книшка или врски со моќници.

Сепак, оптимисти се за иднината на државата. 56,5% кажале дека имаат очекувања за подобра иднина, 29,9% кажале дека нема да има промена на состојбите, а 13% очекуваат влошување.

Истражувањето на „Фридрих Еберт“ покажува дека младите во регионот на корупцијата гледаат како на најголем проблем, а потоа следуваат невработеност, квалитетот на јавните услуги, нееднаквоста…

Активистот Бленди Ходаи смета дека младите не веруваат ниту во државата ниту во институциите. Поради тоа вели, резултатите се загрижувачки и младите чекаат само шанса за да ја напуштат РС Македонија.

Државата може да прави многу, бидејќи заради тоа постои државата, заради тоа постојат институциите, за да работат, да го подобруваат животниот стандард да ги подобруваат сите други услови што ги нудат. За жал, во изминатите 33 години ништо немаат направено и токму поради тоа што немаат ништо направено ги имаме овие загрижувачки бројки, вели Ходаи.

Истражувањето е спроведено на примерок од 8.943 млади луѓе од Југоисточна Европа, на возраст од 14 до 29 години.

Подготвено од М.Д.

About Author