nato-znaminja-i-makedonsko-zname

01.10.2024 Скопје

На свечена церемонија во седиштето на НАТО во Брисел денеска ќе се одржи примопредавање на должноста генерален секретар на Алијансата меѓу досегашниот вршител на ова функција Јенс Столтенберг и неговиот наследник Март Руте.

Со одржувањето на церемонијата, поранешниот холандски премиер Руте и официјално ќе ја преземе должноста генерален секретар на НАТО со мандат од пет години.

Церемонијата ќе започне со полагање венци Столтенберг и Руте на споменикот во кругот на седиштето на НАТО, по што ќе се одржи официјалното примопредавање на должноста и нивно обраќање до персоналот на Алијансата.

Руте официјално беше избран за нов генерален секретар на НАТО од страна на Северноатлантскиот совет на 26 јуни годинава, откако претходно доби поддршка од повеќето членки на Алијансата, вклучувајќи ги и САД, Германија, Франција и Велика Британија.

Инаку покрај Руте, во трка за наследник на Столтенберг беше и романскиот претседател Клаус Јоханис, но тој ја повлече својата кандидатура уште пред заседанието на Северноатлантскиот совет.

Како предизвици со кои ќе се соочи Руте во неговиот мандат се посочуваат можното враќање на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа, очекуваното постепено насочување на Вашингтон кон Азија независно кој ќе победи на претседателските избори во ноември, војната во Украина и евентуалното нејзино зачленување во НАТО, руската закана во следниот период, зајакнувањето на противвоздушната одбрана на Алијансата, зголемување на инвестициите во одбраната од страна на земјите членки и справувањето со растечкото глобално влијание на Кина.

Во пресрет на напуштањето на функцијата, Столтенберг во колумна за „НАТО Ривју“ се осврна на резултатите од неговото 10-годишно раководење со Алијансата и на предизвиците со кои се соочи Пактот во период, како руската агресија врз Украина, зголемувањето на глобалната конкуренција, тероризмот, кибер нападите и климатските промени, кои, според него, го променија безбедносен пејзаж и начинот на функционирање на НАТО.

Како најзначајни промени во тој правец Столтенверг ги посочи зајакнувањето на одбранбената способност на НАТО, зголемувањето на производството на воената индустрија, растот на средствата што членките ги одвојуваат за одбраната, проширувањето на Алијансата со четири нови земји – Црна Гора, Република Северна Македонија, Финска и Шведска, продлабочување на партнерствата со ЕУ и државите од Индо-пацифичкиот регион и од јужно соседство и зацврстување на капацитетите за справување со новите предизвици.

Според Столтенберг, петте научени лекции за време на неговиот мандат, кои се клучни за континуиран успех на НАТО, се дека безбедноста не е бесплатна, дека слободата е повредна од слободната трговија, дека одржувањето на моќна воена сила е предуслов за дијалог, дека воената моќ има свои граници и дека сојузништвото меѓу Европа и Северна Америка е суштинско за мирот и безбедност и за сегашните и за идните генерации.

Подготвено од М.Д.

About Author