MIROSLAV LAJCAK

30.10.2024 Скопје

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека, без разлика што на последниот состанок на дијалогот нема напредок во спроведувањето на Договорот за нормализација од 2023 година, тој е оптимист за напредокот во однос на некои други клучни прашања.

„Минатата недела бев домаќин на уште една рунда дијалог со поддршка на ЕУ на ниво на главни преговарачи, со фокус на унапредување на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија, особено преку имплементацијата на Договорот за патот кон нормализација од 2023 година. Иако не направивме пробив по ова прашање, оптимист сум за одреден напредок за некои други клучни прашања, кои ќе ги следиме во наредните недели“, напиша Лајчак на Фејсбук.

Тој додаде дека минатата недела имал можност да се сретне со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница и да разговара за енергетската соработка во Западен Балкан и важноста на пазарната интеграција во ЕУ во услови на, како што наведува, сложеноста на односите меѓу Косово и Србија.

„Исто така, се вклучив во плодна дискусија со јапонскиот амбасадор во ЕУ, ажурирајќи ја состојбата на дијалогот и истражувајќи начини за зајакнување на нашите врски и соработка. Го ценам долгогодишното вклучување на Јапонија во Западен Балкан со цел да се поддржат реформските напори во регионот“, рече тој.

Подготвено од М.Д.

About Author