01.10.2024 Скопје
Британска кралица, Елизабета Втора, која почина пред две години боледувала од рак на коските во последните години од нејзиниот живот, напиша поранешниот британски премиер Борис Џонсон во своите мемоари коишто ќе бидат наскоро објавени.
Британските медиуми веќе објавија делови од мемоарите кои ја заинтригираа јавноста. Покрај приказната дека земјата под водство на Џонсон планирала воена акција за вакцини против Холандија, најголемо внимание привлече токму делот кој е поврзан со смртта на британската кралица.
Од септември 2022 година кога почина кралицата, ниту еден официјален претставник не ја откри точната причина за нејзината смрт, но Џонсон, кој поднесе оставка како премиер два дена пред овој трагичен настан, сега јавно кажа што е во прашање.
Во извадок од мемоарите објавени од британските медиуми, Џонсон тврди дека знаел повеќе од една година дека Елизабет има „некаков“ рак на коските.
Во описот на неговата последна средба со Елизабета, Џонсон вели дека таа изгледала „побледо и повеќе згрбавено од порано“, како и дека таа имала темни модринки на рацете и на зглобовите, веројатно како резултат инфузии и инјекции. И покрај тоа, пишува Џонсон, од време на време во текот на разговорот таа блескала со својата препознатлива голема насмевка.
Здравјето на монархот во Велика Британија е многу таинствена работа која речиси никогаш не се открива.
Подготвено од М.Д.