31.10.2024 Скопје
Кинескиот производител на електрични возила BYD во срадата објави двоцифрен скок на приходите во третиот квартал годинава, првпат престигнувајќи го американскиот ривал „Tesla“.
Во периодот јули-септември, приходите скокнале за 24 отсто во однос на истиот квартал минатата година на 201,1 милијарди јуани (28,24 милијарди долари), покажува извештајот за берзите.
Со ова кинескиот гигант првпат го престигна американскиот конкурентски производител на електрични автомобили „Tesla“ чиј приход во периодот од јули до септември изнесува 25,2 милијарди долари.
Нето добивката на BYD се зголемила на годишно ниво за 11,2 отсто на 11,6 милијарди јуани (1,63 милијарди долари). Во првите девет месеци беше за 18,1 отсто поголем од минатата година и изнесуваше 25,2 милијарди јуани.
Сепак, „Tesla“ сè уште го задржала водството во глобалната продажба во третиот квартал, со речиси 463.000 продадени електрични возила, наспроти нешто повеќе од 443.000 на BYD.
И кинескиот и американскиот гигант имаа полза од зголемените кинески стимулации за купување нови модели на посебно „зелените“ автомобили. Во такви услови, продажбата на автомобили во Кина порасна првпат по шест месеци во септември, покажуваат податоците од индустријата.
BYD го предводеше растот благодарение на значителните попусти на најпопуларните модели. Добрите резултати во третиот квартал првенствено го одразуваат скокот на продажбата на plug-in хибридите, зголемена за 75,6 отсто во споредба со истиот период минатата година, со продадени 685.830 возила, благодарение на новата технологија за заштеда на гориво.
Според пресметките, растот на продажбата на целосно електрични автомобили забави на 2,7 отсто, со намален удел на кинескиот пазар во споредба со конкурентите.
Подготвено од М.Д.