Karela

12.10.2024 Скопје

Мал број македонски граѓани ja садат карелата – горчливата диња која е корисна во борбата со повеќе сериозни болести.

Оние кои се соочуваат со сериозни здравствени проблеми, ја бараат. Карелата има многу малку калории, но содржи многу витамини и минерали и бројни материи кои позитивно делуваат на здравјето и имунитетот. Горчливата диња содржи и активни растителни соединенија кои делуваат како антиоксиданти.

„Јас ја одгледувам веќе 10 години и целата количина ја продавам. Онака ја пуштив на Фејсбук, да имам некој контакт, да дознаат луѓето. Дијабетичари и болни од канцер ја бараат, помага и за некои вирусни болести, за многу работи е корисна. Но, 90 отсто ја купуваат болни од канцер и дијабетичари. Најмногу купувачи има од Скопје, но има и од цела РС Македонија. Ги има од различни градови, од Струга, Гевгелија, Битола,  од секаде. Лани имав купувачи од Србија, затоа што таму не можеле да ја најдат.  Луѓето споделуваат информации од еден на друг и ја бараат. Немам голема површина, а семето го набавувам од Хрватска. Ја продавам на тие што им е потребна, мали количини, не сакам да ја продадам цела количина на големо. Ја продавам свежа и смрзната во коцки. Замрзнатата ја земаат повеќе. Карелата има краток период на траење свежа, а потоа ја преработувам за да ја имам преку цела година. До 3 години се смета дека не губи од својствата,  ама јас ја продавам брзо, истата година се трошат количините“, вели Дарко Матески од Прилеп.

Тој додава дека карелата не е тешка за одгледување, не бара некоја посебна нега или прскање.

„Не е тешка за одгледување, но ја има кратко време, треба од март да се сее, и се бере во септември. Нормално бара вода како и секое друго растение.  Јас би се радувал да ја одгледуваат повеќе луѓе. Нека постои, нека ја има во РС Македонија. Татко ми случајно дојде на идеја да ја садиме. Ми рече на интернет да проверам, што е, како е, и така почнавме, нема некоја посебна причина зошто почнавме да ја одгледуваме“, објаснува Матески.

Тој објаснува дека треба да има хибридно семе за да успее оваа култура. Инаку, следејќи ги огласите кои се објавени на интернет, секој производител по различна цена ја продава карелата или пак нудат попуст за повеќе од 5 килограми.

Друг човек од околината на Скопје, објаснува дека сади карела за своето семејство, ја користат затоа што е многу здрава, а вишокот го продаваат или подаруваат.

„Ние ја садиме за себе. Но,  кога ќе роди повеќе, дел продаваме. Ја садиме 4-5 години. Според мене не е баш толку лесна за одгледување, си бара нега. Но, и подарувам на луѓе, познати и непознати, ако имам вишок и ако некој има потреба. Ние произведуваме од  30 до 80 килограми годишно“, додава земјоделец од скопско.

Горчливата диња обично успева во тропските области на Азија, Африка и Јужна Америка, а во Европа е донесена во 18 век. Растението брзо расте и цвета во летните месеци.

Подготвено од М.Д.

About Author