Prime-Minister-Zoran-Milanovic

02.10.2024 Скопје

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ не даде согласност за предлогот на владата за учество на припадници на хрватската војска во мисија за поддршка на Украина, соопшти денес официјален Загреб.

„Хрватска на војната во Украина на никој начин не може битно да влијае, ниту може да ја сопре. Но, со промислена и одговорна политика на државните власти може да спречи ширење на војната кон хрватските граници и да обезбеди мир и безбедност за сите хрватски граѓани. Затоа одбив да дадам претходна согласност на одлуката за учество на хрватската војска во мисија за поддршка на Украина“, објасни Милановиќ.

Владата на Хрватска преку министерот за одбрана побара од претседателот и врховен командант на оружените сили претходна согласност за предлогот за учество на хрватски војници во мисии, операции и активности на НАТО, Европската Унија и Обединетите нации.

Според хрватскиот устав, сите предложени одлуки ги носи хрватскиот Сабор со мнозинство гласови од сите пратеници ако претседателот на државата за одлуката даде претходна согласност.

Доколку претседателот не даде согласност, Саборот може таквите одлуки да ги донесе само со двотретинско мнозинство од сите пратеници.

Владата, како што се наведува во соопштението, барала согласност за 13 одлуки, меѓу кои продолжување на учеството на војската во НАТО операциите Кфор и Си гардијан, како и во мисијата во Ирак.

„Претседателот не даде претходна согласност само за одлуката за учество на припадници на хрватската војска во НАТО активности за безбедносна поддршка и обука за Украина (НСАТУ)“, се наведува во соопштението.

Милановиќ оцени дека таа мисија може „потенцијално штетно да влијае на националните интереси на Република Хрватска“.

„Според уставот, владата може да побара од Саборот гласање за предлог одлуката и ако владиниот предлог добие поддршка од две третини од пратениците, одлуката ќе стапи на сила и претседателот ќе ја почитува“, се наведува.

Милановиќ потсети дека владиниот предлог се заснова на одлуката на НАТО од самитот во Вашингтон во јули годинава, на кој учествуваше и тој, за која државите членки самите одлучуваат дали и на кој начин ќе учествуваат во активноста.

„Задача на претседателот на државата, а според неговото мислење и задача на сите хрватски државни институции, да ја заштити Хрватска од војна и да ги преземе сите мерки за Хрватска да остане надвор од воените конфликти. Токму поради тоа претседателот не даде претходна согласност“, се заклучува во соопштението на неговиот кабинет.

Подготвено од М.Д.

About Author