16.10.2024 Скопје
Многу македонски граѓани работат или планираат да заминат во Хрватска, а власта во оваа земја најави дека ќе ги зголеми платите.
Премиерот Андреј Пленковиќ денеска во хрватскиот Сабор најави дека Владата планира до крајот на мандатот да ја зголеми просечната нето плата на 1.600 евра, а од Нова година минималната на 970 евра.
„Денеска во Кабинетот одлучивме бруто минималната плата од 1 јануари да биде 970 евра, да ја зголемиме за 130 евра“, рече Пленковиќ.
Владата планира и дополнителни мерки за поддршка на семејствата со деца.
„Ќе го зголемиме стажот на мајките од 6 месеци на 12 за секое родено или посвоено дете и ќе воведеме годишен додаток“, прецизира премиерот.
Нова мерка што ќе се воведе од 1 јануари идната година е еднократните надоместоци за новородените деца да се зголемат за сто проценти, од 309 на 618 евра. Илјадници луѓе од РС Македонија и од регионот сезонски работат во Хрватска, во туризам, градежништво и други сектори.
Подготвено од М.Д.