04.10.2024 Скопје
Хрватска, следната недела ќе биде домаќин на Самитот на балканските лидери посветен на Украина. На Самитот ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави на 3 октомври хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
„Целта на состанокот, кој ќе се одржи во јужното јадранско одморалиште Дубровник, е целиот регион да се обедини во поддршката за Украина и украинскиот народ во борбата за слобода“, изјави хрватскиот премиер Пленковиќ на редовната владина седница.
Претходниот самит „Украина-Југоисточна Европа“ се одржа во февруари во главниот град на Албанија, Тирана.
Зеленски присуствуваше на тој собир и повика на поголема поддршка за да се помогне да се одвратат руските сили, при што неговите трупи од првата линија страдаат од недостиг на муниција.
Во четвртокот, зборувајќи заедно со новиот шеф на НАТО Марк Руте во Киев, Зеленски рече дека неговата земја се обидува да ги убеди своите западни поддржувачи да му помогнат со модерна воена опрема со која ќе можат да ги соборат руските ракети и беспилотни летала испукани врз Украина.
Самитот во Хрватска ќе се одржи во услови на внатрешен спор меѓу владата и претседателот Зоран Милановиќ околу Украина.
Милановиќ во вторникот одби да го поддржи предлогот на владата за испраќање хрватски офицери во мисијата на НАТО во Германија за обука на украински војници.
Милановиќ, чии овластувања се ограничени, но е врховен командант на вооружените сили на земјата, на социјаната мрежа Фејсбук напиша дека нема да дозволи хрватските војници да „учествуваат во активности што ја туркаат Хрватска во војна“.
Премиерот го обвини Милановиќ дека дејствува против националните интереси.
Тој ги повика пратениците да ја поништат одлуката на претседателот, за што е потребно двотретинско мнозинство гласови во парламентот.
Подготвено од М.Д.