AZILANTI 1

24.10.2024 Скопје

Холандија почнува да ги заострува законите за азил и планира во ноември да воведе гранични контроли, но нема да прогласи вонредна состојба за која се залага десничарскиот лидер Герт Вилдерс.

Вилдерс, чија партија освои најмногу гласови на изборите во ноември 2023 година, својот поостар став го објави вчера преку соопштение на мрежата X.

„Нема да има вонредна состојба, но веднаш ќе има построги мерки. Навистина сум среќен поради тоа“, објави Вилдерс на X.

Коалициските партнери со месеци дебатираат за построги правила за добивање азил во земјава.

Вилдерс се надеваше дека ќе прогласи вонредна состојба за да спроведе строги мерки без одобрение од парламентот. Другите партии не се согласија, тврдејќи дека нема правна основа за тоа.

Според предложените мерки, статусот на барател на азил ќе важи најмногу три години во иднина.

Коалицијата си постави за цел да ги врати сириските бегалци и да прогласи барем делови од Сирија за безбедни.

Оние кои добиле статус на бегалец во Холандија ќе имаат помалку права во врска со сместувањето. Бројот на баратели на азил во земјата се стабилизира на околу 40,000 годишно.

Но, тешко им е да најдат сместување, што делумно е резултат на кратењето на буџетот, а делумно и општата намалена понуда за сместување во Холандија.

Подготвено од М.Д.

About Author