09.10.2024 Скопје
Државата, согласно националната и меѓународната правна регулатива, е должна да обезбеди здрава животна средина, а со непреземањето дејствија од надлежните јавни органи се повредува уставно загарантираното право на здрава животна средина и граѓаните може да ја тужат, се вели во Начелниот став за правото на здрава животна средина и загадувањето на воздухот што го утврди Врхoвниот суд на општа седница.
„Согласно националната и меѓународна правна регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните, кои како странка во управна постапка, можат да бараат да се задолжат надлежните органи, да ги донесат Основните плански документи, од член 23 од Закон за квалитет на амбиенталниот воздух, како Општи акти“, се наведува во Начелниот став.
Седницата се одржа по поднесена Иницијатива од адвокати, за утврдување начелен став и правно мислење, за тоа колку државата обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно законски утврдените должности и надлежности во областа на животната средина.
Двајца македонски граѓани поднеле тужби до Управниот суд за заштита на слободите и правата, каде наведуваат дека дишат енормно загаден воздух и бараат од државата да донесе стратешки акционен план за заштита.
Правото на здрава животна средина е загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија во членот 43 „Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“.
Подготвено од М.Д.