17.10.2024 Скопје
Град Скопје не доби пари од Владата за ниту еден од 20 проекти со кои аплицираше на огласот за помош на Општините за реализација на инфраструктурни проекти. Одбиени се и проектите на Општините Струмица, Сарај и Теарце оти не ги исполнувале условите.
На огласот на Владата аплицираа 80 Општини со 357 проекти. Евалуционата комисија составена од претставници од шест ресорни министерства оценила дека условите ги исполнуваат 77 Општини, а финансирани ќе бидат 274 проекти. Вкупната вредноста на проектите е 65 милиони евра.
Изборот на проекти вчера поминал на владина седница и сега Општините етапно како ќе ги реализираат проектите ќе добиваат пари од државниот буџет.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели дека Владата го направи изборот по доставениот предлог на проекти од страна на шесте ресорни министерства.
„Оценувањето и изборот го правеа евалуционите комисии. Пари добија речиси сите градоначалници и од власта и од опозицијата. Општина Струмица не доби бидејќи аплицираше со проект кој веќе е тендериран. Пари не доби ниту Град Скопје, така одлучи евалуционата комисија и во моментов немам повеќе детали. Најмногу средства, речиси 243 милиони денари ќе добие Општина Куманово, која најголем дел од финансиската помош ќе ја намени за проекти од областа на инфраструктурно и комунално уредување. Општина Центар доби 90 милиони денари за реконструкција на спортската сала ‘Работнички‘“, вели Перински.
Општините ќе ги добиваат средствата на наменска сметка, фазно по реализирана ситуација. Целата процедура ќе ја следи координативното тело во чиј состав партиципираат претставници од сите ресорни министерства преку коишто ќе се финансираат избраните проекти.
Подготвено од М.Д.