ekonomija svet

07.10.2024 Скопје

Германските производители на автомобили, по гласањето во Европската унија што ја отвори вратата за казнени царини за увоз на кинески возила, повикаа на преговори и избегнување на трговска војна.

Фолксваген апелираше до Европската комисија и кинеската влада „конструктивно да ги продолжат преговорите во потрага по политичко решение“.

Спречувањето на заштитните тарифи и избегнувањето трговски конфликт мора да биде заедничка цел – се наведува во соопштението на групата. Во исто време, решението мора да биде на маса пред крајот на месецот и стапувањето во сила на европската мерка.

Планираните тарифи се погрешен пристап и таквиот потег „нема да ја подобри конкурентноста на европската автомобилска индустрија – предупреди Фолксваген.

БМВ укажа и на негативните последици од царините. „Гласањето е фатален сигнал за европската автомобилска индустрија“, изјави директорот на компанијата Оливер Ципсе.

Сега е неопходно Европската комисија и Кина брзо да најдат решение и да спречат трговска војна која на крајот ќе донесе загуби за сите – додаде Ципсе.

Малку порано, мнозинството членки на Европската унија гласаа за воведување казнени тарифи за електричните автомобили од Кина, со стапка до 35,3 отсто. Германија беше против тоа.

Кина е важен пазар за германските производители и евентуална царинска војна дополнително ќе ги продлабочи нивните проблеми.

Подготвено од М.Д.

About Author