image (48)

31.10.2024 Скопје

За помалку од три месеци во Германија стапи на сила реформата на данокот на недвижности, што предизвика гнев кај граѓаните. Ревалоризацијата на недвижностите некои луѓе ги збогати на хартија, но тоа значи дека ќе мора да плаќаат повисоки даноци на недвижности.

Повеќе од 6,16 милиони даночни обврзници ширум земјата веќе поднеле жалба против новата пресметка на вредноста на нивните имоти и даноците што треба да ги платат од 1 јануари следната година, покажува истражувањето.

Голем број луѓе веруваат дека нивниот недвижен имот не е соодветно ценет и всушност вреди многу помалку. Во исто време, даночната служба наводно ги вреднувала поплавните, обработливите површини и шумите како градежно земјиште. Некои затоа отсега ќе мора да плаќаат 60 пати повисоки даноци на имот.

Пример е парцела од 2.600 метри квадратни, купена пред девет години за 33.000 евра. На неа има само четири гаражи, останатото е главно обработливо земјиште. Сепак, според новата даночна управа, тоа земјиште сега вреди речиси 852.000 евра. Иако сопственикот на земјиштето не смее ништо да гради на ова земјиште, земјиштето се карактеризира како градежно, по цена од 308 евра за метар квадратен.

Тоа би значело дека и во случај на сегашните даночни стапки, сопственикот на тоа земјиште мора да плати данок од околу 2.500 евра, наместо досегашните 40 евра.

Германските градови и општини само што почнаа да објавуваат по која стапка ќе го пресметуваат новиот данок на недвижности. Во Берлин ќе се намали од 810 на 470 отсто, додека во Хамбург речиси двојно ќе се зголеми – од 540 на 975 отсто. Во Германија, навидум високата даночна стапка од 500 отсто се множи со проценетата вредност на имотот и многу мала основа од 0,00031 отсто.

Бремен планира зголемување од 695 на 755 проценти. Сето ова сигурно ќе доведе до зголемување на цените на киријата, бидејќи сопствениците на станови најверојатно ќе ги префрлат новите давачки на станарите.

Дури и во Берлин, каде што треба да се намалат даночните стапки, сопствениците на имот, според некои проценки, ќе плаќаат и до 200 отсто повеќе даноци поради повисоката проценета вредност на нивните имоти.

Новиот закон за проценка требаше да обезбеди порамномерно вреднување на недвижностите според пообјективни критериуми бидејќи сегашната даночна основа не беше усогласена со фактичката состојба. Сепак, се чини дека не е толку објективен.

Подготвено од М.Д.

About Author