04.10.2024 Скопје
Германскиот автомобилски гигант Фолксваген постигна вонсудска спогодба во Австрија со австриските клиенти кои беа оштетени од скандалот Дизелгејт. Фолксваген ќе им плати 23 милиони евра.
Аферата Дизелгејт избувна во септември 2015 година кога американската агенција за животна средина ЕПА ѝ откри на јавноста мамењето на Фолксваген при тестовите на издувните гасови. Скандалот потоа се прошири и на други производители.
Австриското здружение за заштита на потрошувачите ВКИ поднесе 16 тужби во име на десет илјади купувачи на возила Фолксваген, пренесува француската агенција АФП. Фолксваген по спогодбата соопшти дека го поздравува решението што го постигнале со ВКИ. Како што пренесува АФП, здружението за заштита на потрошувачите од германскиот производител побарало повеќе од 60 милиони евра.
Аферата Дизелгејт веќе го чинеше производителот на автомобили повеќе од 30 милијарди евра, а најголемите трошоци се направени во САД.
Подготвено од М.Д.