18.10.2024 Скопје
Изјавата на претседателката на Европската комисија уследи пред дводневниот самит на лидерите на ЕУ што почна во Брисел.
Таа во писмото до земјите-членки наведе дека Европската комисија ќе претстави нов законски предлог за зголемување на депортацијата на мигрантите.
Фон дер Лајен, која неодамна го започна својот втор петгодишен мандат како претседателка на Европската комисија, очигледно реагираше на притисокот што доаѓа од цела Европа во врска со миграцијата.
Во своето писмо таа наведува дека стапката на враќање на мигрантите од земјите на ЕУ во моментов е само околу 20 отсто, што значи дека огромното мнозинство луѓе на кои им е наредено да ја напуштат земја-членка на ЕУ не го прават тоа.
„Многумина едноставно остануваат или се преселуваат во друга земја во блокот“, рече таа и продолжи:
„Земјите-членки треба да ги признаат одлуките донесени од другите земји на ЕУ за да се осигураат дека мигрантите кои имаат одлука за враќање во една земја не можат да ги искористат дупките во системот за да избегнат враќање.“
Нејзините коментари доаѓаат кога Италија го започнува својот долгоочекуван план да испрати некои од мигрантите спасени во Медитеранот во специјални центри во Албанија додека се обработуваат нивните барања за азил.
Претходно оваа недела, 16 мажи од Бангладеш и Египет беа префрлени од мигрантски центар на островот Лампедуза во близина на Сицилија во еден од двата специјално изградени центри на албанскиот брег, каде што ќе се испитаат нивните барања за азил.
Овие центри, кои чинат околу 650 милиони евра, требаше да се отворат минатата пролет, но се соочија со долги одложувања. Тие се платени од италијанската влада и ќе бидат во функција според италијанскиот закон.
Тие ќе ги сместат мигрантите додека Италија ги испитува нивните барања за азил. Од овој план ќе бидат исклучени бремените жени, децата и ранливите лица. Политичките противници на десничарската италијанска премиерка Џорџија Мелони, како и неколку невладини организации, го критикуваа италијанскиот договор со Албанија.
Рикардо Маџи, член на левичарската партија „Европа плус“, рече дека планот за Албанија е „суров, бескорисен и скап“, додека невладината организација Лекари без граници рече дека „може да резултира со дополнителна штета и кршење на човековите права.
Сепак, говорејќи пред пратениците во вторникот, премиерката Мелони тврдеше дека планот е „нов, храбар и невиден пат“ кој „совршено го одразува европскиот дух“.
Имплементацијата и резултатите од договорот со Албанија ќе бидат внимателно следени од многу земји-членки на ЕУ, од кои неколку веќе се обидоа да се спротивстават на зголемувањето на поддршката за екстремно десничарските партии со заострување на нивната реторика и пристап кон миграцијата.
Само во изминатите неколку недели, Германија повторно ги воведе граничните контроли, француската влада рече дека ќе размисли за заострување на имиграциското законодавство, додека Полска ги објави плановите за привремено суспендирање на правата за азил за луѓето што ја преминуваат границата.
Полскиот премиер Доналд Туск рече дека контроверзниот потег има за цел да ја спречи Белорусија да ја „дестабилизира“ Полска со тоа што ќе дозволи голем број мигранти да ја преминат границата.
Во Франција и Германија, страшните убиства од страна на баратели на азил предизвикаа повици за построги мерки за имиграција. Сириски барател на азил со нож уби три лица во Солинген, додека марокански државјанин уби студент во близина на Париз.
Во двата случаи, убиствата ги извршиле мажи на кои им биле издадени наредби за протерување кои не биле извршени. Минатиот месец, 15 земји-членки потпишаа предлог на Австрија и Холандија за подобрување на „ефикасноста“ на системот за депортација.
Подготвено од М.Д.