28.10.2024 Скопје
И по скоро три години по воведувањето на западните санкции кон Русија, Европа сè уште купува руски природен гас во вредност од милијарди евра. Апсурдно, рускиот гас тече до континентот преку украинскиот гасовод.
Можеби уште посмешно, Киев наплаќа транзитни такси од својот најголем непријател Москва за користење на каналот. Во екот на конфликтот, Кремљ редовно плаќа сметка од 800 милиони евра годишно.
Овој „кафкијански тек“ е знак дека Европа не може да живее без руски гас, и дека не треба да се кажува премногу гласно „бидејќи никој не сака да го слушне“.
Европа, всушност, е помалку зависна од Русија отколку што беше порано. Пред конфликтот, 45 отсто од европскиот увоз на гас доаѓаше од Русија. Минатата година увозот падна на 15 проценти. Оваа година „зависноста од рускиот гас“ е зголемена, Москва сега држи околу 20 отсто од вкупниот европски увоз на гас.
Никој не е изненаден што Европа се прави дека не зависи од рускиот гас. Затоа што ако признае дека зависи, тогаш последицата е јасна: Европа и плаќа на Русија за гас; Русија ги користи тие пари во конфликтот против Украина. Од друга страна, Европа и дава пари на Украина за да ја запре Русија. Така континентот ги финансира двете страни во конфликтот.
Рускиот гас пристигнува во Европа преку три главни рути. Првите две вклучуваат цевководи. Еден оди преку Украина до Словачка; другиот патува преку Турција до Бугарија. Третиот начин е да се транспортира течен природен гас, производ кој е супер-ладен за товарење на танкери и транспорт низ целиот свет, многу сличен на нафтата.
Потпирањето на европскиот енергетски пазар од рускиот гас ќе биде тестирано бидејќи договорот за гасоводот Русија-Украина истекува на 1 јануари 2025 година. Договорот најверојатно нема да биде обновен во сегашната форма бидејќи Киев одбива да разговара со Москва.
Украинскиот гасовод е од клучно значење за Источна и Централна Европа, особено за Словачка и Австрија. Италија, Чешка и Унгарија, исто така, добиваат одреден волумен. Претходно оваа година, австриската влада предупреди на „голем ризик“ за нејзината енергетска безбедност доколку протокот биде запрен. Виена ја одржува една од најстарите и најдлабоки врски во Европа со руските производители на енергија и дури и денес се потпира на таа земја за повеќе од 80 отсто од увозот на гас.
Решението за продолжување на протокот низ Украина го вклучува Азербејџан и значителен степен на алхемија. Политички коректното решение бара централноазиската земја да го преземе договорот за гас меѓу Украина и Русија со Европа. Но, постои финта: Азербејџан веќе испумпува максимално количество гас, па за да испорача дополнителни количества во Европа, ќе мора да размени гас со Русија. Значи, се вративме таму каде што почнавме.
Тврдењата на Кадри Симсон, комесарот за енергетика, дека Европа може да живее без руски гас „не држат вода“. Во најдобар случај, економскиот трошок ќе биде огромен. Цените на европскиот гас веќе скокнаа над 40 евра за мегават час.
Течниот гас е уште поголема „катастрофа“ за Европа. Ако се откажат од рускиот ЛНГ, ќе мора да се обратат кон други добавувачи – САД, Катар, Австралија, Нигерија, кои веќе имаат бизнис со азискиот пазар. Тоа значи уште повисоки цени на течниот гас.
Опциите на Европа се ограничени. Постои аргумент за продолжување на купувањето руски гас – зависноста на континентот е далеку помала отколку што беше пред конфликтот, и поради тоа Москва повеќе не добива толку многу пари.
Трошоците за намалување на употребата на нула моментално се премногу високи: цените би се зголемиле до небо. Економски и политички, тоа звучи сосема правилно. Морално, според колумнистот, и не баш. Но, во „војна“, Европа ќе мора да ја плати таа висока морална цена, заклучува тој.
Подготвено од М.Д.