TRAMP

22.10.2024 Скопје

Eвропската унија се подготвува за потенцијална трговска војна со САД во случај Доналд Трамп да победи на претстојните избори во ноември и повторно да стане претседател на САД, тврдат неименувани извори во Брисел.

Ќе удриме брзо и ќе удриме силно – рече висок европски дипломат за планот на ЕУ да одговори на трговската војна на Трамп.

Друг висок дипломат потврди дека земјите од ЕУ ги координираат потезите со Европската Комисија.

Брисел има готов список и е сосем сигурен дека може да ја добие оваа трговска војна – рекол друг дипломат.

Европската унија, наводно, формирала група за брз одговор за да се подготви за последиците од изборите во САД. Групата, која е дел од Европската комисија, официјално се подготвува за победа и на демократите и на републиканците. Сепак, претставниците на ЕУ неформално ја нарекуваат „Трамп оперативна група“.

Трамп го објави својот план да воведе сеопфатни царини од 10 или 20 отсто на увозот од „пријателски“ и „непријателски“ земји доколку победи на изборите. На своите митинзи тој особено ги истакна ЕУ и германската автомобилска индустрија.

Ако Трамп е доследен во својата закана, последиците би можеле да бидат тешки не само за Германија, туку и за повеќето големи европски економии. Производителите како „Фолксваген“, „БМВ“ и „Дајмлер“ имаат фабрики во Шпанија, Полска, Белгија, Чешка, Унгарија, Романија и други земји, и набавуваат делови за автомобили низ ЕУ.

Целта на ЕУ сепак е решение со преговори, бидејќи сметаат дека Трамп, иако брз со зборови, сака да преговара.

Тој во основа е трговец – рече трет дипломат, потсетувајќи на преговорите на Трамп за трговските договори со Мексико и Канада, како и договорите со Јужна Кореја, Јапонија и Кина.

Лидерите на ЕУ веруваат дека брзиот и силен одговор ќе го доведе Трамп на преговарачката маса, рекоа дипломати и официјални лица.

Целта, според изворите, е да се предизвика толку голема штета што Трамп ќе биде принуден веднаш да преговара, а ЕУ  ќе биде во подобра позиција. Брисел беше фатен во тесно во 2018 година, кога Трамп првпат воведе царини за челик и алуминиум од ЕУ, а Брисел возврати само делумно, надевајќи се дека ќе го деескалира трговскиот конфликт со САД.

Подготвено од М.Д.

About Author