31.10.2024 Скопје
Кандидатор за претседател на САД, Доналд Трамп продолжи со предизборната кампања, а овој пат тема беа тарифите што Трамп планира да ги воведе доколку победи на изборите закажани за 5 ноември.
Посебна „мета“ на Трамп, покрај Кина, е и Европската Унија, за која зборуваше на настан во Пенсилванија, клучна држава за победа на претседателските избори.
Не ни купуваат автомобили, не ни ги земаат овошјето и зеленчукот, а во САД продаваат милиони и милиони автомобили. Нема да може да го направат тоа ако победам, ќе платат голема цена – рече Трамп.
Тој најави дека ќе воведе царина од 10 проценти за сите увезени производи, додека за Кина таа бројка ќе биде 60 проценти. Економистите велат дека овој систем може да доведе до значително зголемување на цените за Американците.
Прашање е и неговиот однос со Тајван. Соединетите држави, според законот од 1979 година, мора да му обезбедат на островот „оружје за одбрана“, а Трамп постојано повторува дека „Тајван мора да плати“ за ова оружје.
Јасно е дека без значителна американска поддршка во овој сегмент, Тајван би бил ранлив на кинеска инвазија, додека властите во Пекинг речиси секој месец организираат некаква воена вежба за да испратат порака до властите во Тајпеј.
Подготвено од М.Д.