28.10.2024 Скопје
Европската унија треба да престане да „држи предавања“ во другите делови на светот и треба да има поголема почит кон своите партнери со цел да се бори против растечкото влијание на Русија и Кина, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Во интервју објавено во петокот, Мишел призна дека блокот станал самоуверен дека знае што е правилно, а што погрешно и честопати не се обидува да разбере зошто другите земји мислат поинаку.
Тој истакна дека во ЕУ постои „рефлекс што е блиску до форма на предавање“ при комуникација со земјите во развој со кои блокот има потпишано договори за стратешка, трговска или политичка соработка.
„Ние не сме секогаш многу добри во однос на комуникацијата, во однос на објаснувањето, во однос на разговорот со нив и покажувањето одредена почит кон нив“, рече Мишел.
Тој, исто така, предложи ЕУ да го преиспита својот пристап за спроведување на своите стандарди и регулативи за трговските партнери, давајќи ги како пример правилата за риболов.
„Го користиме вокабуларот: жолт картон или црвен картон“, рече тој, посочувајќи дека „зборовите што ги користиме се навистина понижувачки бидејќи оставаме впечаток дека сме играч на теренот, а во исто време и судија“.
Забелешката на претседателот на ЕК дојде откако десетици светски лидери се собраа во рускиот град Казан за да присуствуваат на 16-тиот самит на БРИКС. На листата на гости беа претседателите на Египет, Обединетите Арапски Емирати и Турција – членка на НАТО и земја кандидат за ЕУ.
Мишел посочи дека фактот што лидерите на овие земји, кои исто така се „многу блиски“ со ЕУ од економска и воена гледна точка, избрале да присуствуваат на Самитот на БРИКС, сугерира дека тие „сакаат да испратат порака до останатите во светот“.
„Еден од емирите во земјите од Персискиот залив еднаш ми рече, ако има вакуум, многу брзо некој ќе го пополни вакуумот. И ако не сте вие таму, другите се таму“, се сеќава Мишел, нагласувајќи дека ЕУ треба да најде „нов пристап“ за да ги придобие земјите кои сакаат да ги диверзифицираат своите економски и безбедносни сојузи.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно оваа недела истакна дека групата БРИКС не се заснова на „сојуз против некого“ и за разлика од ЕУ, нејзините членки не се обврзани со меѓусебни обврски.
Тој објасни дека БРИКС претставува „асоцијација на земји кои споделуваат заеднички вредности и заеднички насоки“ и се посветени на универзалните принципи на заемно почитување и взаемна корист. ЕУ, од друга страна, е организација која има јасно дефинирани правила, обврзувачки документи и „цел сет на меѓусебни обврски“, рече Песков.
Подготвено од М.Д.